• четврток, 10 октомври 2024

Волонтерската програма за 20 млади лица во Собранието со подршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер   

Волонтерската програма за 20 млади лица во Собранието со подршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер   

10 октомври 2024

Со свечено отворање, во Собранието на Република Северна Македонија денеска, 10 октомври, беше одбележан почетокот на волонтерската програма за 20 млади лица, поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Волонтерските програми во Собранието веќе долго време се препознаваат како успешен пример, а со цел заживување на таа традиција, Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Собранието, креираше нова програма за волонтерите.  

Со свои обраќања, волонтерите беа поздравени од страна на претседателот на Собранието г. Африм Гаши, генералната секретарка г-а Марина Димовска, в.д. директорот во земјата на Фондацијата за демократија на Вестминстер г. Петар Трајков, раководителот на програми во Британската Амбасада г. Ендру Бренд и поранешната генерална секретарка на Собранието г-а Цветанка Иванова.  

Претседателот на Собранието г. Гаши, им се заблагодари на волонтерите за одзивот, посочи дека Собранието има широко отворена врата за нив, и додаде дека, доколку се истакнат во својата работа и се упорни, ќе се отвори можност за нивно вработување.

Генералната секретарка г-а Димовска и посака успех на оваа генерација на волонтери, и напомена дека и нејзината кариера започнала со волонтерство во законодавниот дом.

В.Д. директорот на Фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија г. Трајков во своето обраќање пред присутните истакна дека според дел од истражувањата на Фондацијата, Собранието е една од најниско рангираните институции кај младите. Тој посочи дека токму оваа состојба, Фондацијата сака да ја промени заедно со Собранието, и затоа е изработена нова програма за волонтери која има за цел на Собранието да му овозможи да ја доближи својата работа до младите луѓе и воедно да ја зголеми својата професионалност и транспарентност.

Раководителот на програми во Британската Амбасада г. Бренд истакна дека иницијативата за младински волонтеризам ги одразува практиките на Обединетото Кралство и охрабрува нова генерација активни граѓани кои ќе можат да се вклучат во работата на избраните парламентарни комисии и да ги поддржуваат пратениците преку истражувачки проекти, документи за политики, како и проверка и следење на законите и законодавството.  

Поранешната генерална секретарка на Собранието г-а Иванова го изрази своето задоволство што придонела кон обновувањето на волонтерската пракса, и додаде дека добрите пракси се препознаени и имаат континуитет и со новото раководство.

Преку оваа програма, волонтерите ќе имаат можност да присуствуваат на организирана академија, работилници и да имаат директна соработка со пратениците и службите на Собранието. Тие одблизу ќе се запознаат со улогата и работата на Собранието, ќе придонесат кон работата на законодавниот дом и ќе стекнат пошироки познавања за политичкиот систем, демократските вредности, улогата на граѓаните и младите. Од друга страна, Собранието ќе има можност да ја приближи својата работа до младите, додека истовремено ќе ја зајакне својата професионалност, ефикасност и кредибилитет.

Волонтерската програма ќе биде во времетраење од шест месеци, а деталите за програмата ги презентираше проф д-р Марко Кртолица.  

Оваа активност се спроведува од страна на Фондацијата за демократија на Вестминстер во рамки на проектот „Практикувај демократија” со поддршка на Британската амбасада во Скопје.  

Собрание на Република Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан