• четврток, 19 декември 2024

Воениот удар во Нигер може да се одрази врз санкциите на ЕУ за рускиот нуклеарен сектор

Воениот удар во Нигер може да се одрази врз санкциите на ЕУ за рускиот нуклеарен сектор

Брисел, 30 август 2023 (МИА) - Воениот удар во Нигер може да ги обесхрабри земјите од ЕУ во плановите за санкционирање на рускиот нуклеарен сектор, имајќи предвид дека оваа африканска земја е вториот најголем извозник на ураниум во ЕУ по Казахстан, смета експертот од тинк-тенкот „Центар Жак Делор“, Фук-Вин Нгуен.

По руската инвазија врз Украина, ЕУ воведе санкции кон Русија, но нуклеарниот сектор на земјата беше поштеден од овие мерки, од причина што дел од членките на Унијата, како Унгарија, Словачка, Бугарија, Финска и Чешка, зависат од руското нуклеарно гориво за потебите на нивните атомски централи и покрај напорите на некои од нив да ги диверзифицираат изворите за набавки на ова гориво.

Нгуен во изјава за „Политико“ оценува дека дел од овие земји, поаѓајќи од аргументот дека случувањата во Нигер предизвикуваат неизвесност во снбдувањето со ураниум, би можеле да се спротивстават на напорите за проширување на санкциите и за рускиот нуклеарен сектор.

Нигер покрива една четвртина од потребите на ЕУ за ураниум и иако воената хунта не ја забрани трговијата на оваа суровина со Унијата, сепак случувањата во земјата се причина за загиженост околу натамошното снабдување за потребите на нуклеарните централи во блокот.

Сепак, според Нгуен, постои мала непосредна закана за нормалното функционирање на нуклеарните централи во ЕУ поради случувањата во Нигер, од причина што електраните најчесто имат залихи на ураниум за период од околу две години.

Во вакви услови, Казахстан, кој е најголем светски извозник за ураниум со над 40 отсто од неговото производство на глобално ниво, веќе најави дека е подготвен да ги зголеми испораките за ЕУ за да ја намали загриженоста за снабдувањето предизвикана од воениот удар во Нигер.

Извршниот директор казхстанската државна нуклеарна компанија „Казатомпром“, Јержан Муканов изјави дека иако засега нема видливо зголемување на побарувачката, неговата фирма е подготвена да го зголеми извозот на нуклеарно гориво за ЕУ доколку тоа биде потребно.

Тој не очекува големо влијание на ситуацијата во Нигер на снабдувањето со ураниум, од причина што лани уделот на оваа земја во неговото глобално производство изнесуваше само четири проценти и воениот удар во земјата не предизвика потреси на пазарот на суровини.

- Сигурен сум дека оваа ситуација ќе биде успешно решена во многу блиска иднина, додаде Муканов.

Според Нгуен, доколку дојде до намалување или прекин на испораките на ураниум од Нигер за ЕУ, Казахстан би можел да биде решение за проблемот, но тоа ќе бара дополнителни инвестиции за зголемување на неговото производство.

- Но, ако ЕУ се обидува да ги диверзифицира изворите, може да се сврти за снабдување кон демократски земји со повеќе слични вредности, како Канада и Австралија, додаде Нгуен. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан