• сабота, 23 ноември 2024

Воена парада во Атина, порака и честитка од Бајден и Макрон

Воена парада во Атина, порака и честитка од Бајден и Макрон
Атина, 25 март 2021 (МИА) – Воини на коњи, припадниците на претседателската гарда, т.н Евзони, единици на армијата и воената морнарица, тенкови, пешадија, нуркачки единици, учествуваа на воената парада во Атина по повод 200 години од востанието на независноста на Грција, парада што се одржа во присуство на високи гости, но и без публика поради пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина. На дводневните свечености во Грција по повод јубилејот присуствуваат претседателот на Кипар Никос Анастасиадис, принцот Чарлс и војвотката Камила, премиерот на Русија Михаил Мишустин и министерката за одбрана на Франција Флоренс Парли, кои во придружба на грчкиот државен врв ја следеа воената парада, а кусо пред почетокот, положија венци на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент. На атинското небо, летаа американски, грчки и француски воени авиони и хеликоптери. Традиционалната воена парада, оваа година се одржа без публика, под драконски безбедносни мерки, а центарот на Атина беше целосно затворен. Пред парадата, видео порака и честитка до Грција, упатија претседателите на САД и Франција, Џо Бајден и Емануел Макрон. Американскиот претседател рече дека на Денот на независноста на Грција, „ги славиме историјата и вредностите што ги обединуваат Соединетите Американски Држави и Република Грција“. -Денес Грција е клучен сојузник на НАТО и пријател на САД и лидер за мир и просперитет во Источниот Медитеран, Црното Море и на Западен Балкан, вели Бајден и додава дека преку стратешкиот дијалог, двете земји ги унапредија односите во секој поглед, а „силната и историска врска продолжува да расте“. Францускиот претседател Емануел Макрон во видео пораката изрази жалење што поради пандемијата не можеше да присуствува на парадата, а на грчки јазик порача дека „вашата слобода е и наша“. -Овде сме и сме на ваша страна, кога историјата станува неправедна со вас, кога солидарноста понекогаш може да недостасува или кога постои закана. Бидејќи вашата слобода е и наша, порача Макрон. По завршувањето на воената парада, претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу рече дека денеска е важен ден за земјата и хеленизмот и истакна дека и покрај рестрикциите наметнати од пандемијата, јубилејот зрачи насекаде во земјата и во странство. - Се чувствуваме национално горди на се што постигнавме. Нашата татковина е модерна држава на владеење на правото што се наоѓа во јадрото на Европската унија и е фактор на стабилност во поширокиот регион. Ја земаме предвид одговорноста кон историјата. Заштита на јавното здравје и социјалната кохезија, во овие околности е нашата борба. Најголемата сила на нашата нација се наоѓа во единството и солидарноста, истакна Сакеларопулу. ср/сд/

Остани поврзан