• четврток, 07 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ до Ахмети: Престанете да се криете зад маневри за ветинзи, ќе докажеме дека никој не е над законот 

ВМРО-ДПМНЕ до Ахмети: Престанете да се криете зад маневри за ветинзи, ќе докажеме дека никој не е над законот 

Скопје, 6 август 2024 (МИА) - По толку години власт и пљачка на државата, Ахмети сега сака да си ги спасува внуците кои добија кривична и сите бандити кои беа дел од неговото лично опкружување, а кои станаа милионери со нула капацитет интелектуален и нула напор, само преку кражба на народни пари, реагира попладнево ВМРО-ДПМНЕ откако ДУИ соопшти дека бара меѓународен ветинг за високата корупција.

-Зошто не бараа ветинг кога беа на власт или тогаш му веруваше на неговиот комшија од Зајас, а сега главен обвинител на организиран криминал кој го стави на сила со помош со неговите слуги од СДС. Дали ветинг му треба да се открие како од едни просечно ситуирани граѓани кои се занимавале со овчарство како никаде во светот станаа милионери? Дали ветинг му треба да провери како Миле Зечевиќ, Зоран Заев, Венко Филипче лапаа од тендери во РЕК и здравството? И како Муса Џафери и Артан Груби работеа со струја и со подизведувачи на патишта низ Македонија? , наведува владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата му упатува директна порака на Ахмети.

-Престанете да се криете зад вакви маневри за ветинзи. Доаѓа правда во Македонија и ние ќе ви докажеме дека никој не е над законот! 20 години ја цицавте и уништувавте земјава. Време е да се провери и обелодени што точно сте правеле и вие и сите политичари без разлика на етничка, верска и партиска припадност. За тоа не треба ни меѓународен ветинг, ни бутур. Има закони во оваа земја. Треба само да важат тие закони и да се применуваат за сите подеднакво. Тоа во ваше време не се правеше. Ако се правеше немаше да кажувате вакви панични идеи за меѓународен ветинг. Нема да ве спаси ни ветинг. Тој што крадел ќе одговара. Го прашуваме Ахмети со какви знамиња ќе протестира кога ќе го брани сопствениот криминал со зелени како партија на зелените како што се ребрендираа пред неколку години кога кажаа дека ги решиле сите етнички прашања тука, или со знамиња на ЕУ како Европски фронт, истакнува ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, „ова е првата работа која Ахмети ја фрла во воздух како хемиска бомба која треба да направи триење меѓу власта и опозицијата и со која Ахмети утре ќе сака да си ги правда постапките за излегување на улица“.

-Зад се ова лежи само стравот на неколку луѓе од ДУИ кои се спремни на се, само да си ја спасат слободата. Трагедија е до кое дереџе стигна ДУИ и колку предвидливи се нивните постапки. Впрочем луѓето од ДУИ докажаа историски низ периодов што измина дека нивното удирање во гради со квази патриотски теми е само криење на нивната вистинска желба, а таа е за власт и пари, наведува МРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ воедно го повикува лидерот на СДСМ Венко Филипче „да излезе од скутот на ДУИ и да не прави мрачни дилови со оваа партија, со кои се загрозуваат демократијата и правната држава“.

Попладнево ДУИ ги  повика сите политички партии, особено оние на власт, без одложување да се побара од меѓународната заедница мониторинг за сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните 30 години. Овој чекор, како што соопшти, е клучен за зголемување на транспарентноста и враќање на довербата на граѓаните. мч/са/

фото: МИА архива


 


 

 

Остани поврзан