• понеделник, 01 јули 2024

Власта и опозицијата со различни предлози за решавање на јавниот превоз во Општина Струмица

Власта и опозицијата со различни предлози за решавање на јавниот превоз во Општина Струмица
Струмица, 28 октомври 2022 (МИА) - Власта и опозицијата во Струмица имаат различни предлози и видувања за организирање на јавен превоз во Општината. Според градоначалникот Костадин Костадинов, во Струмица треба да се организира еколошки јавен превоз со модерни електрични автобуси, а советничката група на ВМРО ДПМНЕ предлага превозот да се организира во соработка со постоечките локални превозници, вклучително и такси компании со цел обезбедување на економски ефикасен и еколошки превоз и по принцип на јавно-приватно партнерство. Според струмичкиот градоначалник, во оваа криза на Стрмица повеќе од потребен и е јавен превоз, кој ќе биде еколошки и во согласност со долгорочната стратегија на ЕУ и европскиот зелен договор. -Мојата визија за Струмица е да биде првиот град во државата со целосно електричен јавен превоз, кој ќе овозможи движење на граѓаните од населените места за значително помали цени, движење низ градот, намалување на сообраќајниот метеж, решавање трајно на проблемот со дивите таксисти. За таа цел веќе ги правиме потребните анализи и истражувања кои би помогнале во имплементацијата, објави пред неколку денови струмичкиот градоначалник. Според координаторот на Совeтничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Маџунков, тие поднеле иницијатива за организирање на јавен превоз во Општина Струмица уште во јули годинава. -Овој проект треба да биде поддршка на локалните фирми за превоз и такси компаниите и затоа Општина Струмица треба го субвенционира горивото, со што граѓаните ќе имаат евтина цена на билетот. Лиценцирањето на превозниците ќе биде под контрола на Општината и треба да биде бесплатно. Проектот предвидува повеќе постојки за јавен превоз како во градот така и во населените места, рече Маџунков. Тој додаде дека овој проект произлегува од потребата на граѓаните во Општина Струмица за организиран, ефикасен и економичен превоз, а поради се поголемата економска и енергетска криза, индивидуалниот превоз на граѓаните е скап и претставува оптеретување на буџетот на секое семејство. На почетокот на овој месец во Струмица беше промовиран електричниот автобус на „Аутомакедонија“, во рамки на промотивната тура низ повеќе градови во државата, а власта и опозицијата во Струмица засега се согласуваат единствено јавниот превоз да го организира ЈП „Паркиралишта“. рт/дма/

Остани поврзан