• недела, 22 декември 2024

Власта и опозицијата во клинч за протестот на средношколците во Нови Сад

Власта и опозицијата во клинч за протестот на средношколците во Нови Сад

Белград , 30 ноември 2024 (МИА) - Во Србија се отвори нова жестока шолемика и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата по вчерашното прекинување на наставата и излегувањето на улица на 15 минутното оддавање почит за настраданите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ вчера реагираше дека неговиот син Данило кој има 16 години, во гимназијата „Јован Јовановиќ Змај“ во Нови Сад каде учи, „практично бил истеран од училиштето со своите колеги на барање на двајца или тројца наставници, под изговор дека мораат да излезат на улица за наводно да им оддадат почит на загинатите во несреќата во Нови Сад“.

По реакцијата на премиерот Вучевиќ во гимназијата „Јован Јовановиќ Змај“ во Нови Сад, одржаа вонредна седница на Наставничкиот совет и Училишниот одбор, и синоќа излегоа со итно соопштение, во кое ја „осудуваат политизацијата на учениците“.

-Гимназијата ги осудува постапките на наставниот кадар кој ја искористи трагедијата за незаконско и неморално политичко дејствување. Од гимназијата најавуваат и спроведување на дисциплински постапки предвидени со закон и прописи, се наведува во соопштението.

Од опозициското движење „Крени-промени“ на ова реагираа со свое соопштение дека директорот на Гимназијата „ Јован Јовановиќ Змај“ издал наредба наставниците да достават писмени изјави за нивните активности во 11:52 часот (на 15 минутниот протест и одавање почит) и дали во тоа време ги изнеле децата надвор.

Во реакциите денеска се вклучи и министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ која остро ја осуди „злоупотребата на учениците во политички цели“ и изјави дека одговорните ќе сносат последици согласно законот, а Министерството за образование ќе испрати просветна инспекција во училиштето за да ги утврди сите наводи.

На реакцијата на министерката Ѓукиќ Дејановиќ реагираа од Форумот на белградски гимназии „дека последиците ќе ги сносат оние што ги принудија децата на протести“, наведувајќи дека е срамота да се зборува за одговорност на наставниците во време кога едвај се поминати 24 часа од смртта на ученикот во Лесковац, кој беше убиен од друг ученик.

Реагираше и претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ која оцени дека постапките на одредени професори од гимназијата во Нови Сад, кои го натераа синот на премиерот Милош Вучевиќ да ја напушти наставата и да се приклучи на протестот со другарите, е многу повеќе од политичка злоупотреба на децата и побара најстроги санкции.

„Веќе извесно време размислувам како да реагирам на тоа што некој просветен работник самостојно решил да ги извади своите ученици од училницата на улица за да учествува во политичка претстава. Тоа што овој просветен работник свесно направил такво нешто и на дете чиј татко е премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ, без да размисли ниту за момент како се чувствува тоа дете или, уште полошо, да размисли за тоа и со јасна желба да го казни детето за политичките ставови на неговиот татко“, напиша Брнабиќ на Х.

Од друга страна Новосадската опозиција, која ја сочинуваат сите опозициски групи во градското собрание на Нови Сад, денеска најостро ги осуди „неоснованите напади на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, врз наставниот кадар на „Јован Јовановиќ Змај“.

Во соопштението за медиумите, опозицијата наведува дека „Вучевиќ очигледно е многу вознемирен што речиси сите ученици од најпрестижната гимназија во Нови Сад доброволно присуствуваа на петнаесетминутниот час за морал, етика, емпатија и солидарност кон семејствата на жртвите, кога ја напуштија наставата во 11:52 часот и застанаа“.

Од опозицијата повторија дека бараат оставка од премиерот Милош Вучевиќ поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица. об/

Остани поврзан