• понеделник, 23 декември 2024

Влада Урошевиќ: Радован Павловски - исклучителна фигура и еден од најголемите поети што пишувале на македонски јазик

Влада Урошевиќ: Радован Павловски - исклучителна фигура и еден од најголемите поети што пишувале на македонски јазик
Скопје, 27 август 2022 (МИА) - Радован Павловски е еден од најголемите поети што пишувале на македонски јазик. Но, ја чувствувам оваа формулација како недоволна. За да се биде поблиску до вистинските димензии на неговата големина треба да се рече дека тој е една исклучителна фигура во македонската култура – и по својата поетска вдахновеност и по својата животна определба. Всушност – тие две страни на неговата личност во многу нешта се поклопуваат, исцртувајќи една единствена линија која тече, доследна на себеси, од првите објави на поетот до последниот негов здив. Ова го истакна академик Влада Урошевиќ на меморијалниот настан посветен на неодамна починатиот македонски поет, есеист и патописец Радован Павловски, што се одржа вечерва во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид во рамки на „Струшките вечери на поезијата“. Како што соопштуваат од тимот на СВП, академик Урошевиќ истакна дека споменот за Радован Павловски сака да го фокусира со темите врзани за родителскиот дом, на неговата сигурност, но и на предизвиците што ги поставува светот што се шири наоколу, на темите на одделувањето од домот, на лутањата и на гладот по бескрајот, на темите за задомувањата и за раздомувањата. - Последните години Радован Павловски ги минуваше осамен, стеснет во едно бедно изнајмено собиче, притиснат од болеста и од вечниот недостиг на средства за живот. Немаше никој да се погрижи за него, да му помогне. А во него, до крајот, тлееше желбата да има свое живеалиште, свое засолниште. Дали тоа беше носталгија по родителскиот дом, по рајскиот предел на детството, по големиот сеопфатен дом на природата која му дава своја закрила на детето? Му се јавив, неколку дена пред смртта, да му речам дека негова книга, голем избор од неговото поетско творештво, за неколку дена треба да излезе во Москва. Се израдува и потоа ја повтори својата поплака: „Јас немам никаква лична сопственост“. Неговите зборови изразуваа едно длабоко разочарување и во нив имаше и тага, и протест, и очајание. Не наоѓав одговор на ова ламенто. „Ти ги имаш твоите песни“, се обидов да го утешам. „Тие не се моја сопственост, тие се веќе општа сопственост која им припаѓа на сите“, одговори горделиво, но и со една горчливост во гласот. Тоа се последните негови зборови што ги паметам, раскажуваше во својот емотивен говор академик Урошевиќ, стои во соопштението. Академик Радован Павловски почина на 84 години, на 22 февруари, 2022 година. Павловски, беше наречен и „принц на метафорите“. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, како и на Сојузот на писателите на СФРЈ. Од 2006 година Павловски беше и редовен член на МАНУ. вг/

Остани поврзан