• понеделник, 23 декември 2024

Влада: Активно работиме на изнаоѓање решение за ФИНКИ

Влада: Активно работиме на изнаоѓање решение за ФИНКИ

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Во тек се активности за изнаоѓање привремено решение за да се обезбеди соодветен простор за организирање на наставата на Факулетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), како и реализација на трајното решение, соопшти попладнево Владата, посочувајќи дека за таа цел, преку Министерството за образование и наука, е во континуирана комуникација со раководството на Факултетот. 

-Владата покажа дека е цврсто определена кон изнаоѓање решенија за какви било предизвици низ дијалог со сите засегнати страни и на тој начин е пристапено и кон ова прашање. Краткорочното решение ќе се дефинира на средба помеѓу претставници на Службата за општи и заеднички работи, во соработка со Факултетот за информатички науки и инжинерство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје, согласно владин заклучок, соопшти владината прес-служба. 

Владата ја разгледала Информацијата за обезбедување простор за потребите на ФИНКИ и веќе ја задолжила владината Служба за општи и заеднички работи, во соработка со Факултетот и во конкретен рок од три месеци, да разгледа алтернативни решенија, до реализацијата на трајното решение.

-Воедно, Владата информира дека е одлучна да обезбеди достоинствени услови за настава на студентите на ФИНКИ во предвидениот нов современ објект кој започна да се гради во 2015 година и активно работи на надминување на проблемот што се појави поради стечај на фирмата изведувач на градежните работи. Се очекуваат извештаите од ревизијата на проектот и проценката на извршените активности од договорот коишто се во надлежност на релевантни органи, по што веднаш ќе се пристапи кон избор на нов изведувач, што целосно и во ефикасна процедура ќе го изгради новиот објект на Факулетот, наведува Владата во соопштение. хс/ев/

Остани поврзан