• среда, 24 април 2024

Владата ја одржа 158-та седница

Владата ја одржа 158-та седница

Скопје, 6 јуни 2023 

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата од Канцеларијата на претседателот на Владата, за Иницијативата за формирање хибридни младинско иновативни центри на територија на Република Северна Македонија поднесена од граѓанските организации: Асоцијацијата на Старт ап заедницата на Република Северна Македонија „СТАРТАП МАКЕДОНИЈА“ и меѓународно здружение на граѓани „КУЛТУРНО ЕХО - Скопје“.
 
Со одлука на Владата, на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, ќе започнат активности за формирање мешовита установа помеѓу Владата и Асоцијацијата на Старт ап заедницата на Република Северна Македонија „СТАРТ АП МАКЕДОНИЈА“ и меѓународно здружение на граѓани „КУЛТУРНО ЕХО - Скопје“.
 
Ваков тип установа, како што е образложено во Информацијата, ќе придонесе кон афирмирање и употребување на капацитетот на младите луѓе, нивните идеи и креативност, како одраз на заложбите на Владата за задржување на успешните кадри во нашата земја, преку можностите да ги реализираат своите капацитети во државата, какви што примери има во Љубљана, Тирана, Стразбур, Приштина.
 
Процесот предвидува формирање мултифункционален и интердисциплинарен парк, којшто ќе придонесе за зголемување на понудата на културни и едукативни содржини, обуки за развој на бизнис и уметничко изразување, како и други активности, со цел создавање услови за младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис, но сѐ уште немаат доволна финансиска и логистичка поддршка за негова реализација.
 
За координатор на активностите поврзани со активностите за формирање мешовита установа помеѓу Владата и Асоцијацијата на Старт ап заедницата на Република Северна Македонија „СТАРТАП МАКЕДОНИЈА“ и меѓународно здружение на граѓани „КУЛТУРНО ЕХО - Скопје“, е назначен Васко Кичевски, секретарот за јавни политики, координација и следење на програмата на Владата и на други стратешки планови, проекти и инвестиции, поврзани со приоритетите на претседателот на Владата.
 
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за состојбата со сифон Макарија, во ХМС Тиквеш, по настанатото оштетување, од коешто најзасегнати се земјоделците од општина Росоман, како и понуденото решение од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Станува збор за санација на цевководот Макарија преку монтирање соодветни цевки на оштетениот дел коишто е предвидено да обезбедат доволни количини вода за наводнување на пријавените површини од 2.050 хектари, за сезона 2023.

Времето на изведбата, според посоченото од Министерството, ќе овозможи да се запази сезоната за наводнување.

Решението коешто е предложено може да се изведе во брз рок и има карактеристика на решение од траен карактер, пришто се олеснува понатамошното реконструирање на целосниот цевковод Макарија и се заштедуваат средства за идните зафати на другите делови од системот за наводнување. А, е предложено по направени проценки од страна на стручни лица од Управата за водостопанство при Министерството, заедно со претставници на АД Водостопанство на Република Северна Македонија и професори од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.

Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на следната владина седница да достави предлог измена на Програмата за водостопанство, со што се обезбедуваат потребните 82 милиони денари за санација на проблемот, а коишто средства ќе бидат надополнети во Програмата при следните измени и дополнувања на Буџетот. Задолжено е и АД Водостопанство на Република Северна Македонија во државна сопственост да ги започне административните процедури за постапката за јавна набавка за санација.        
 
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за лето 2023 година, поднесена од Министерството за труд и социјална политика.

Преку Проектот, се овозможува користење бесплатна услуга за рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, во објекти за одмор и рекреација за лето 2023 година. Одморот и рекреацијата се користат во текот на летниот распуст.

Задолжено е Министерството за труд и социјална политика за реализација на проектот, меѓу другото и преку објава на повик на Веб страницата на Министерството за труд и социјална политика и во центрите за социјална работа, во јуни 2023 година.

Владата заклучи да му препорача на Управниот одбор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје, да го разреши Хари Локвенец од должноста директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура - Железници на Република Северна Македонија – Скопје, на негово барање. За в.д директор е одлучено да биде именуван Зоран Трифуновски.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на вежбата „Balkan Warrior 23“ и донесе ваква одлука, на предлог на Министерството за одбрана.

Вежбата „Balkan Warrior 23“, според Информацијата од Министерството е дел од Планот за организација и учество на Армијата на вежби од меѓународен карактер за 2023 и 2024 година и дел од Планот за билатерална соработка за 2023 година помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за национална одбрана на Република Грција. На вежбата е предвидено учество на 15 припадници од специјалните сили на Република Грција, со вооружување, опрема, моторни возила и материјално - технички средства. Локација за учество на вежбата ќе биде територијата на Република Северна Македонија, односно на Армискиот полигон „Криволак“.

Владата донесе и одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „PLATINUM WOLF 23“, во Република Србија.

Оваа вежба, според Информацијата од Министерството за одбрана, е во организација на вооружените сили на Република Србија, а на неа ќе земат учество и вооружени сили на Република Грција, Република Словенија, Република Босна и Херцеговина, Република Романија, Република Унгарија, Обединето Кралство и Соединетите Американски Држави.

 
Влада на Република Северна Македонија

 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан