• понеделник, 23 декември 2024

Владата најави помош на угостителските објекти, апели за почитување на мерките за справување со Ковид-19

Владата најави помош на угостителските објекти, апели за почитување на мерките за справување со Ковид-19
Скопје, 8 април 2021 (МИА) - На првиот ден од двонеделното затворање сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафитериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување, со цел превенција и заштита на граѓаните од Ковид-19, од Владата вчера стигна најава за нови мерки за помош на овие економски оператори. - Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци. Секако за споредба мораме да земеме месеци со кои би можеле да симулираме колку тие истите би направиле приходи доколку не се случи ова затворање. Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет, најави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во објава на Фејсбук. Министерот за економија Крешник Бектеши во синоќешното гостување на ТВ Сител информира дека ќе има директна финансиска поддршка во вид на грантови за угостителските објекто кои се затворени по препорака на Комисијата за заразни болести. - Моделот по кој ќе бидат поддржани веќе е направен и по консултација со коморите и здуженијата за туризам и угостителство, следната недела мерките ќе бидат објавени, нагласи Бектеши. Тој посочи дека веќе е направен моделот како ќе бидат поддржани угостителите, при што ќе се земат во предвид приходите остварени во првите три месеци годинава и согласно приходите, еден дел од нив ќе ги покрие државата во форма на директен грант за секој угостителски објект кој што е затворен. - На почетокот на следната недела ќе бидат објавени мерките, согласно анализите и можностите во Буџетот ќе ги повикаме сите угостителски здруженија и комори ќе го утврдиме одреден процентот на финансиска поддршка, истакна Бектеши. Министерот за економија ги повика работниците да не потпишуват бланко спогодба за напуштање од работа, а работодавачите да не ги отпуштаат работниците, бидејќи ветената поддршка од државата ќе стигне. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски вчера оцени дека поради одредени субјекти кои тераат инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори, трпи целата угостителска дејност. - Она што се случува од одредени субјекти поради кои трпи целата угосителска дејност, сметаме дека е терање инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори. Од Нова година до денес имаме преку 78 затворени објекти поради непочитување на протоколите, за работење преку работното време и за нерегистрирани даночни обврзници. За жал, и по една година се соочуваме со субјекти, претежно угостителски објекти, но и граѓани, кои дозволуваат да се направат пропусти кои ние ги санкцицонираме, истакна Пауновски на прес-конференција. Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашковска на истата прес-конференција соопшти дека продолжуваат зајакнатите контроли и дека од 29 март до 4 април биле спроведени вкупно 5.236 надзори од кои преку 4.500 реализирал Пазарниот инспекторат и изрекол 34 прекршочни пријави, како и 43 платни налози, а донел и 91 решние за констатирани неправилности. - Ова е период кога сите треба да дадеме максиум во битката со вирусот. Видовме дека овој бран на вирусот е многу поопасен и многу побрзо прогресира и затоа е клучно огранучувањето на бројот на контакти и почитувањето на мерките, порача Филиповска-Грашковска. Согласно одлуката на Владата, чија цел е превенција и заштита на граѓаните од Ковид-19, од вчера до 20 април ќе бидат затворени сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафитериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување. Исклучок од оваа мерка се рестораните во рамки на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, но и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт. Согласно владината одлука, воведена е и забрана за посетители во сите обложувалници низ државата. Поточно, приемот на посетителите и работата на обложувалниците ќе биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт. Затворени се и фитнес салите, спортските и салите за вежбање. сп/нд/

Остани поврзан