• понеделник, 23 декември 2024

Вест Хем на лето повторно ќе се обиде да го привлече Мегваер

Вест Хем на лето повторно ќе се обиде да го привлече Мегваер

Лондон, 17 март 2024 (МИА) - Менаџерот на Вест Хем, Дејвид Мојс, не се откажал од идејата да го ангажира централниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед и Англија, Хари Мегваер во текот на летото, пишува „Сан“. Пред почетокот на сезоната, „чеканите“ се обидоа да го купат, но Јунајтед сакаше премногу за 31-годишниот Мегваер, а самиот дефанзивец не беше подготвен да преземе сериозно намалување на неговата плата.

Сепак, тимот од Лондон ќе се обиде повторно и се надева дека бараната цена на „црвените ѓаволи“ паднала доволно за да се овозможи трансфер. Како што Мегваер се ближи до крајот на неговиот договор, тој може да биде поотворен за такво сценарио. Дефанзивецот има уште една година од актуелниот договор, а Јунајтед има опција да го продолжи за уште 12 месеци.

На „Олд Трафорд“ сигурно ќе размислуваат за продажба, бидејќи со парите од неговиот трансфер можат да финансираат дел од селекцијата. Се верува дека Вест Хем е подготвен да плати околу 15-20 милиони фунти за неговите права и да му понуди договор на две или три години.

Англискиот репрезентативец оваа сезона забележа 23 настапи во сите натпреварувања и постигна два гола. Тој беше повреден во последните недели, но се очекува барем да биде во тимот за неделното дерби од четвртфиналето на ФА Купот со Ливерпул. дс

Фото: Архива

Остани поврзан