• понеделник, 23 декември 2024

Велковски: Моите заложби ќе бидат насочени кон реформа на системот на социјална заштита

Велковски: Моите заложби ќе бидат насочени кон реформа на системот на социјална заштита

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски при посета на семејство во социјален ризик во кумановското село Љубодраг истакнал дека неговите заложби ќе бидат насочени кон реформа на системот на социјална заштита.

Во соопштение од Министерството за труд и социјална политика попладнево информираат дека Велковски го посетил „осумчленото семејство Кипријановски во Љубодраг, кое неколку години живее во социјален ризик, без соодветна грижа и поддршка од државата“.

-Ќе се избориме против сиромаштијата и социјалната исклученост на нашите граѓани преку отворање на нови работни места како единствен услов за излез од оваа социјална криза. Семејството Кипријановски од Куманово е само едно од илјадниците семејства во Македонија, што сочинуваат фрапантна бројка од над 600-тини илјади граѓани кои едвај поврзуваат крај со крај, преживуваат некако на дното на општеството со по 50-тина денари дневно за личните потреби и потребите на домот. Овие деца и нивните родители имаат пари најмногу за еден оброк во денот, а каде се останатите оброци и како да се покријат сите останати трошоци во домот? Вакви слики не треба да има во нормални држави и тоа мора да се промени, порачал Велковски, пренесува Министерството за труд и социјална политика во соопштение.

Како што соопштуваат од МТСП, тој посочил дека оваa фамилија е реалната слика за состојбата до која е доведена државата. 
 
-Системот толку многу потфрлил, што наместо на родителите да им обезбеди можности за стекнување вештини, да им обезбеди пристојна работа и да им даде поддршка за издржувањето на нивните деца, ги довел до питачки стап и никој им нема подадено рака за да ги извлече од сивилото на кое од немајкаде, очигледно и се навикнале. Денес обезбедивме дополнителна поддршка. Се надевам дека ќе им ја вратиме надежта, довербата кон институциите и ќе почувствуваат дека промените доаѓаат, потенцирал Велковски, кој од вчера е министер за труд и социјална политика во преодната Влада, во пресрет на парламентарните избори на 8 мај годинава.фф/лв/

Фото: МТСП

Остани поврзан