• петок, 22 ноември 2024

Велика Британија и Австралија евакуираат свои граѓани со организирани летови од Либан

Велика Британија и Австралија евакуираат свои граѓани со организирани летови од Либан

Лондон, 3 октомври 2024 (МИА) - Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, се сретна со воените сили кои се подготвуваат за евентуална евакуација на Британци од Либан, додека Блискиот Исток е на раб на целосна војна, јави ДПА.

Тој им се заблагодари на војниците кои учествувале во операцијата за заштита на Израел за време на иранскиот ракетен напад пред два дена.

Два авиони „Тајфун“, поддржани од авион-цистерна, учествувале во операцијата, иако Министерството за одбрана соопшти дека поради природата на нападот со балистички ракети, „тие не погодиле никакви цели“. Според Министерството, авионите „имале значајна улога во поширокото одвраќање и напорите за спречување на дополнителна ескалација“.

Во меѓувреме, чартер-лет со Британци полета од Бејрут и слета во Бирмингем синоќа.

Авионот на „Дан Ер“ слета на Меѓународниот аеродром во Бирмингем нешто пред 20:40 часот по локално време (19:40 часот по Гринич), откако претходно накратко слета во Букурешт. Уште летови се планирани за денес и наредните денови.

Друг посебно организиран лет на либанската авиокомпанија „Мидл Ист Ерлајнс“ исто така ќе врати Британци во својата земја.

- Првиот чартер-лет, со кој се враќаат Британци од Либан, веќе полета. Организиравме уште еден лет за утре и уште летови за колку што ќе биде потребно и безбедно, изјави синоќа министерот за надворешни работи, Дејвид Лами.

Британските власти се загрижени дека континуираните воени дејствија на Израел би можеле да го затворат аеродромот, со што би се отсекол најдиректниот пат за евакуација на околу 4 до 6 илјади Британци, кои се наоѓаат во Либан.

Австралија, исто така, објави дека организира летови за да врати стотици Австралијци од Либан.

Министерката за надворешни работи Пени Вонг денеска соопшти дека повикала илјадници свои сонародници, кои се уште се во земјата, да ја напуштат додека е можно.

Летови со капацитет од 580 лица ќе полетаат од Бејрут денеска и во сабота. Со нив ќе патуваат австралиски државјани, лица со постојано жителство и нивните семејства, прецизира Вонг.

Двата лета в сабота, кои треба да полетаат за Кипар, а од таму за Австралија, ќе зависат од условите на аеродромот во Бејрут, додаде министерката. Летови кон Австралија имаше и претходно оваа недела.

До сега 1.700 Австралијци и нивните семејства изразиле желба да го напуштат Либан. Австралија е дом на најголемата либанска дијаспора во странство, а околу 15.000 Австралијци живеат во Либан, потсети австралиското министерство за надворешни работи. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан