• понеделник, 23 декември 2024

Велешкото ССОУ „Коле Неделковски“ меѓу пионерите и лидерите на дуалното образование

Велешкото ССОУ „Коле Неделковски“ меѓу пионерите и лидерите на дуалното образование
Велес, 25 јуни 2022 (МИА) - Преку Отворен ден или Отворени врати на училиштето ССОУ „Коле Неделковски“ од Велес пред деветтоодделците од велешките основни училишта ги претстави своите струки со посебен акцент на дуалните паралелки. Во ова средно стручно училиште веќе трета учебна година се реализира дуалното образование, пред три години започна со една паралелка, лани беа две, а оваа штотуку завршена учебна година се три дуални паралелки. Поради зголемениот интерес во следната учебна 2022/2023 година од есен ќе има седум дуални паралелки, најави за МИА Весна Стојанова Богоевска, директорка на училиштето. Освен штандови на училиштето, имаше и штандови на фирмите партнери каде се изведува практичната настава. Со дуално образование средношколците во ова велешко училиште се стекнуваат со врвна работна пракса во успешни фирми, а со примери од развиените европски земји, како Германија и Швајцарија. Со одење на пракса овие млади самите си ги отвораа вратите, односно по школувањето тие имаат можност веднаш и да се вработат. Најчесто тоа е во фирмите каде имале пракса или кај други слични. Што е дуално образование и зошто е важно за учениците? Во ССОУ „Коле Неделковски“, како што информира за МИА директорката Весна Стојанова Богоевска, дуалното образование е систем во кој практикантството на учениците во една компанија се комбинира со училишни часови во стручното училиште. Таа посочува дека тоа е од голема важност, бидејќи таквото комбинирање придонесува за развој на висококвалитетни практични вештини кои ги бараат работодавците, т. е. компаниите. - Овој процес има значајно влијание врз зголемувањето на можностите за вработување на учениците, но уште поважно, го олеснува патот на учениците кон достојно и брзо образование. Македонските училишта црпат свои искуства од дуалното образование од Швајцарија и Германија, вели Стојанова Богоевска. Трета учебна година успешно се реализира дуалното образование во велешкото ССОУ „Коле Неделковски“ На штандови во дворот и во стручните кабинети на ССОУ „Коле Неделковски“ во Велеспо, познато како „електро-машинско“, на деветтоодделенците од велешките основни училишта преку Отворен ден или Отворени врати на училиштето на потенцијалните кандидати за упис им беа претставени струките, а во кои ќе можат да се запишат за наредната 2022/2023 учебна година. Тоа се од машинската, електротехничката, сообраќајната и угостителската струка. На посебни штандови се претставија и фирмите каде веќе петта година учениците од ова училиште имаа можност за дуално образование, односно по теоретскиот дел да изведуваат и практична обука, за што добиваат месечен надоместок, а во дуалните паралелки и стипендија од Министерството за образование и наука. Моментално ова училиште има 80 стипендисти од МОН, информира директорката Стојанова Богоевска. Таа појасни дека во наредната учебна година има седум образовни профили кои се дуални паралелки. - Пред неколку години започнавме со еден профил дуална паралелка, минатата година имавме два, а оваа година три, од есен одиме со седум: техничар за производно машинство, заварувач од машинската струка, келнер, готвач и слаткар од угостителската струка, техничар за индустриска мехатроника и електротехничар-енергетичар од електротехничката струка. Дуалните струки се во соработка со наши социјални партнери, чијшто број се зголемува. Од нашето стручно средно училиште завршуваат ученици коишто се оспособени не само со теоретски, туку и со практични вештини, кои се мошне барани на пазарот на трудот, потенцира Стојанова Богоевска. Инаку, во угостителската струка како нов профил од наредната учебна година ќе биде и слаткар, а која е една паралелка за која во изминатите години имаше голем интерес кај учениците. Паралелката е комбинирана: готвач и келнер, а како нова од есен плус и за слаткари. Таа потенцира дека ССОУ „Коле Неделковски“ е современо училиште, кое ги следи потребите на пазарот на трудот и развојот на техниката и индустријата. Воведува образовни профили според потребите на пазарот на трудот, а наставата ја реалиизра по реформирани наставни програми. - Преку работата во училиштето и кај нашите партнери учениците стекнуваат реални знаења, практична и обука за деловна работа, работа со клиенти и реализација на еден производ од основна идеја до финална реализација, вклучувајќи го и материјалниот сегмент од работењето, појаснува Стојанова Богоевска. Образовни профили по германски стандарди „Маркарт Македонија“ е дел од глобалната групација „Маркарт“ чие дејствување е видливо на 21 локација распостранети на 4 континенти. Оттаму за МИА информираат дека „Маркарт“ е производствена компанија од областа на автомобилската индустрија, која успешно се етаблира во македонскиот бизнис-сектор почнувајќи од 2015 година. Главен производ се електронските компоненти за автомобилската индустрија. Реткиот склоп на трите сегменти: производство на пластични делови, електроника и финално склопување бара користење најсофистицирана опрема и технологија на производство, за чие правилно ракување и оптимално искористување е неопходен стручен и високоедуциран кадар. Тие појаснуваат дека следејќи ја германската култура и едукација „Маркарт Македонија“ прави паралела помеѓу теоретските знаења и праксата преку развој на различни програми на практична работа. „Маркарт Македонија“ е пионер во спроведувањето на дуалното образование и во соработка со ССОУ „Коле Неделковски“ од Велес и делегацијата на германското стопанство во земјава ги воведува образовните профили техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство. Маринела Бошкоски, менаџерка за човечки ресурси во „Маркарт Македонија“, за МИА информира дека со ова средно стручно велешко училиште успешно соработуваат четири - пет години. Таа појаснува дека и пред да се официјализира дуалното образование во земјава тие почнале да го промовираат како пилот-проект. Додава дека веќе имаат ученици кои кај нив доаѓале на пракса, а сега се нивни вработени. - Ние сме презадоволни од соработката со ова велешко средно стручно училиште. Во двата профила чија пракса се спроведува кај нас учениците можат да добијат учење по германски модел. Тие 50 проценти се едуцираат во училиштето, а 50 проценти кај нас во производство преку практична настава. Освен работа, тие добиваат можност да научат како се работи во германска компанија, воедно учат за неа и начинот на работа. Истовремено се запознаваат и со германската култура и односот кон колегите, а учат и за важноста на здравјето и безбедноста, појасни Бошкоски. Воедно таа информира дека за учениците има посебно направена програма за работа, која е во соработка со МОН, односно програма која е адаптирана на програмата што ја имаат во училиштето. Истовремено учениците имаат свој простор каде што работат и не се мешаат со останатите вработени. Патрик Фаркеш е матурант во струката техничар за индустриска мехатроника. За МИА изјави дека во ова училиште за дуално образование освен општа култура се стекнуваат со знаења, вештини во разни електро и машински струки како подготвка за нивната идна работа. - Во овие дуални паралелки стануваш уште пообразован, учиш занаети и науки и се оспособуваш за работа. И да не отидеш на факултет, веќе имаш добра основа со тука стекнатите знаења, а потоа можеш да работиш како механичар, информатичар. Воедно и уште додека учев, на пример, јас работев и во фирма, а со тоа што освен пракса можам полесно и да се вработам, потенцира ученикот Фаркеш. Тој додава дека со стекнатото знаење во дуална паралелка полесно може и да се запише на факултет. Затоа тој иако има одлична стекната пракса за работа со која може веднаш да се вработи, сепак одлучил да продолжи со образованието на некој од факултетите во земјава и да добие факултетска диплома. - Во ова училиште имам добиено одлична теорија и сето тоа во комбинација со одлична пракса. Затоа им предлагам на деветтоодделенците и тие да се запишат во ССОУ „Коле Неделковски“, во дуалните или во  останатите паралелки, бидејќи е едно од најдобрите средни училишта во Велес и во земјава, порача ученикот Фаркеш. Угостителско-туристичката струка од есен ќе се вклучи во дуалното образование Во ССОУ „Коле Неделковски“ и во угостителско-туристичката струка повеќе години наназад учениците освен теорија, односно часови во училиште, имаат и работна пракса во повеќе угостителски објекти. Воедно од есен во новата учебна 2022/2023 година и официјално ќе бидат дел од дуалното образование, а учениците со тоа ќе земаат и месечна стипендија од 3 500 денари од МОН. Освен готвач и келнер од есен ќе имаат и нова струка за слаткар. Горан Богоевски, професор по угостителски и стручни предмети во ССОУ „Коле Неделковски“, за МИА  информира дека оваа струка во ова училиште континуирано работи последните 11 години, иако претходно постоеше и пред триесетина години. - Интересот за оваа струка бил отсекогаш голем, а од есен ќе имаме и дуална паралелка каде акцентот е на практичната настава. Иако и досега имавме практична настава кај угостителски објекти во градот, но таа не беше официјално дуална паралелка, информира Богоевски. Тој појасни дека училиштето ги потпиша и меморандумите со фирмите со кои и досега имале успешна соработка, а каде учениците ќе се стекнат со пракса. Воедно како стимул ќе добиваат и паричен надоместок од социјалните партнери, а од МОН плус 3 500 денари месечно. Воедно со тоа учениците се  стекнуваат и со можност за вработување во фирмите каде се стекнале со пракса. Професорот Богоевски информира дека освен во земјава преку Еразмус + програмата на ЕУ, учениците од ССОУ „Коле Неделковски“ во изминатите години пред пандемијата се стекнувале со работна пракса во Барселона, Шпанија. - Учениците имаа обука по 20 дена во хотел во Барселона, но тоа беше повеќе од обука, бидејќи учениците комплетно беа вклучени во процесот на работа. Воедно менаџерот од овој хотел во Барселона неодамна ми пиша порака дека има потреба од работници. Предност имаат учениците кои таму се стекнаа со пракса и уште тогаш се покажаа како вредни и вешти работници. Тие сега имаат предност и  можат да се пријават и да бидат примени на работа, појасни професорот Богоевски. Снежана Антиќ е ученичка во ССОУ „Коле Неделковски“ и учи за готвач. За МИА изјави дека ѝ е многу интересно преку комбинирано учење во школо и пракса - готвење во угостителски објект. - Убаво е искуството, учиме теорија во училиште, па одиме на пракса. Од мала ме интересира готвењето, мислам дека е интересна професија и лесно се наоѓа работа. Јас би сакала, имам голема желба еден ден да имам и своја ТВ-емисија за готвење и да презентирам мои и македонски кулинарски специјалитети, ги најави своите планови за во иднина ученичката Снежана. Данчо Ацков, сопственик на „Меаната на Даце“, еден од угостителските објекти во градот каде учениците од ова училиште веќе пет-шест години изведуваат пракса, за МИА потенцира дека е задоволен од праксата на учениците кои во текот на учебната година доаѓаат кај нив. Тој додава дека освен што стекнуваат работна пракса некои од учениците потоа по завршување на средното образование можат да се вработат кај него или кај останатите угостители. - Учениците имаат работни униформи во кои ни доаѓаат на пракса. Тие од нашите вработени и искусни готвачи и келнери најпрво учат како се работи и одржува кујната за готвачите и како се послужува за келнерите. Потоа тие што учат за готвачи почнуваат да подготвуваат храна, најпрво попрости салати, а потоа и посложени готвени јадења и специјалитети. Келнерите сами почнуваат да послужуваат јадење и учат да се однесуваат со гостите, појасни Ацков. Од сето досега реализирано во пракса заклучуваме дека и професорите, и учениците, и фирмите партнери се многу задоволни од реализацијата на дуалното образование. Како резултатат од неговото спроведување во пракса, потврда за тоа е дека секоја учебна година во земјава има сè повеќе нови паралелки и струки кои се вклучуваат во дуалното образование. Антоанела Димитриевска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан