• среда, 26 јуни 2024

Василево ја организираше традиционалната манифестација „Ден на празот“

Василево ја организираше традиционалната манифестација „Ден на празот“

Струмица, 5 ноември 2023 (МИА) - Традиционалната манифестација „Ден на празот“ денеска се одржа во населеното место Градашорци, во организација на Општина Василево. Присутните можеа да вкусат од многуте специјалитети од праз, подготвени од локалните домаќинки специјално за манифестацијата.

-Подготвивме повеќе специјалитети со праз - пити, баници, кифлички, зелници, најразлични јадења со праз. Празот го подготвуваме со многу јадења, но најчесто со месо и колбаси, во кои задолжително го има овој зеленчук. Сега помалку се произведува празот, бидејќи младите заминаа и затоа е намалено производство, но и покрај тоа го има доволно, рече Меги Глигорова од село Градашорци.

За градоначалникот на Василево, Славе Андонов, оваа манифестација значи многу за Општината, а во Градашорци се произведува најдобриот праз.

-„Денот на празот“ е манифестација со повеќе содржини - спој на убавото и вкусното со забава и дружење. Тоа е манифестација за сите генерации преку која може да се вкуси праз подготвен на многу начини, рече градоначалникот Андонов.

Покрај големиот број граѓани на денешната манифестација присуствуваа лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, амбасадорот на Италија во нашата земја, Андреа Силвестри, заменичката градоначалник на збратимената општина со Василево Понтенура од Италија, Анџела Фањони, која ги поздрави присутните, претставници од Општина Кресна, Република Бугарија, претставници на верските заедници и гости од земјава и странство.

На „Денот на празот“ настапија ученици од општинските училишта, културно-уметнички друштва, како и македонски естрадни уметници.рт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан