• петок, 22 ноември 2024

Валонската екстремна десница во „санитарен коридор“ во белгиските медиуми на француски јазик 

Валонската екстремна десница во „санитарен коридор“ во белгиските медиуми на француски јазик 

Брисел, 6 мај 2024 (МИА) - Најновите анкети на јавното мислење во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент следниот месец покажуваат дека екстремно десничарските партии можат да се надеваат на солидни резултати во повеќе земји членки на ЕУ. Но, ова не важи за белгиските франкофонски партии од екстремната десница кои се речиси незабележителни на анкетите. 

Според белгиските политички аналитичари, ваквата состојба се должи на неформално усогласениот договор меѓу медиумите на француски јазик во Белгија, според кој, екстремно десничарските партии „практично се држат настрана од сајтовите со вести и етерот“.

Токму ваквиот „санитарен коридор“ кон екстремната десница, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ја објаснува речиси целосната маргинализација на валонските десничарски политичари, за разлика од нивните фламански колеги, кои водат според популарноста во холандофонскиот регион Фландрија.   

Така во Фландрија двете водечки десничарски партии Фламански интерес (ВБ) и Нова фламанска алијанса (НВА), кои водат на анкетите во овој белгиски регион со меѓу 26 и 27,односно 20 и 21 отсто поддршка, добиваат ист третман како и останатите партии, што не е случај со валонските десничари од кои најголемата партија Наш дом (Ше Ну) може да се надева на нешто над еден процент од гласовите. 

Професорот по политички науки на Универзитетот во Лиеж, Франсоа Дебра, вели дека едноставно новинарите „не им ги подаваат микрофоните“ на екстремно десничарските политичари. 

- Тоа ги спречува екстремно десничарските партии да бидат слушнати во ударните термин и да станат познати за мнозинството Валонци, смета Дебра. 

Според една анализа на бриселскиот Центар за општествено-политички истражувања и информации (ЦРИСП), ваквата пракса на бојкот на екстремната десница своите корени ги има уште кон крајот на 80-те години на минатиот век кога на политичката сцена во Белгија се појави фламанската десничарска партија Фламански блок (ВБ). Оваа партија во 1991 година на федералните избори освои 12 пратеници, откако во текот на 80-те освојуваше еден до два мандати. На следните избори во 1995 доби 11 мандати, а во 1999 – 15. Паралелно со ВБ, во валонскиот дел на Белгија се појава неколку франкофонски десничарски партии, меѓу кои најсилен беше Националниот фронт, но за разлика од неговите фламански идеолошки истомисленици, неговиот изборен скор беше многу поскромен – по еден освоен пратеник во 1991 и 1999 и два мандати во 1995 година. 

Системскиот бојкот на екстремно десничарските партии во 90-те години на минатиот век се прошири низ цела Белгија, а медиумите го образложува со аргументот дека нивните антиимигрантски ставови претставуваат кршење на Европската конвенција за човекови права. Но, обидот за воспоставување „санитарен коридор“ во следните децении се одржа само кај белгиските медиуми на француски јазик.  

Таквиот однос на медиумите резултираше со освојување на по едно место од страна на валонските екстремно десничарски партии во белгискиот Федерален парламент на изборите во следните три децении. На последните избори во 2019 година, валонските десничарски партии не успеаја да го минат изборниот праг и останаа надвор од Парламентот. 

Но, освен „санитарен коридор“, според експертите, причини за слабите изборни резултати на валонската екстремна десница е и тоа што нејзината националистичка реторика е „помалку привлечна“ за франкофонските Белгијци, отколку за оние што живеат во холандофонскиот дел на земјата или за жителите во соседна Франција или Холандија.  

Според Дебра, причина за тоа е што за разлика од фламанскиот, валонскиот идентитет отсекогаш повеќе се оквалификувал како белгиски и тешко дека може да се одвои од него. Дури и ако постои, смета професорот, валонскиот идентитет повеќе се јавува како реакција на фламанскиот и идеите за поголема автономија или независност на Фландрија. 

Тој објаснува дека во Валонија, благодарение на синдикатите се организираат работилници и курсеви, како на пример оние за добивање на државјанството, каде што се промовира заедништвото и се засилува противењето на екстремната десница. 

- Постоењето на овие обуки го ограничува влијанието на расистичкиот или екстремистичкиот дискурс и го намалува чувството на недостиг на општествена припадност и инклузивност, смета Дебра. 

Инаку во Белгија, на 9 јуни покрај за членови на ЕП ќе се одржат и избори за пратеници во Федералниот парламент на Белгија, во регионалните Парламенти на Брисел, Валонија и Фландрија и во Парламентот на германската национална заедница. 

На овие избори валонската екстрема десница настапува ребрендирана со новоформираната партија Наш дом (Ше Ну), која настана во октомври 2021 година со обединување на неколку помали партии и со поддршка на Фламанскиот интерес (ВБ) и францускиот Национален собир (РН) на Марин ле Пен. Ше Ну се претставува како „единствена валонска патриотска партија“, надевајќи се дека ако не во белгискиот Федерален, да освои „барем еден мандат“ во Парламентот на Валонија, со што би се нашла на списокот на партии што имаат право на државни субвенции со што би се олеснило нејзиното функционирање за во иднина. Посветеноста на оваа цел многумина ја гледаат и во тоа што партијата не настапува со своја листа на евроизборите, туку е посветена само на гласањето на национално и регионално ниво. 

- Наша примарна цел е да освоиме федерален пратеник. Потоа, ќе имаме пет години за да растеме, изјави претставникот на Ше Ну, Ноа Поѕи. 

За да се справи со бојкотот во белгиските медиуми на француски јазик партијата ја насочи својата кампања на социјалните мрежи, каде што нејзините објави привлекуваат исто толкаво внимание како оние на либералното Реформско движење (МР), кое важи за најактивна белгиска партија во онлајн просторот. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан