• недела, 22 декември 2024

Валис за МИА: Граѓаните под ударот на дезинформации почнуваат да се сомневаат и во веродостојните извори

Валис за МИА:  Граѓаните под ударот на дезинформации почнуваат да се сомневаат и во веродостојните извори

Скопје, 22 октомври 2023 (МИА) - Дезинформациите и кризите се во меѓузависна врска, а проблемот е што луѓето денес се соочени со толку многу дезинформации, поради што им станува тешко да разграничат на кои извори може да им веруваат, вели во интервју за МИА претседателката на ЕУ Дисинфо Лаб, Диана Валис.

Со Валис разговаравме за време на годишната Конференција на ЕУ Дисинфо Лаб, независна непрофитна организација, која собира знаење и експертиза за дезинформациите во Европа, што оваа година се одржа во Краков. Над 400 реномирани професионалци од целиот свет од различни области поврзани со работата на медиумите и борбата против пропагандата и дезинформациите имаа можност да дебатираат за различни области кои ја засегаат оваа проблематика, а еден од заклучоците од Конферецијата беше дека здравството, миграцијата, недовербата во институциите, војната во Украина и климатските промени се главните наративи, кои го сочинуваат пејзажот на дезинформации во Европа. Оние кои стојат зад нив пронаоѓаат се покреативни начини за нивно ширење, а особено се интензивираат во предизборни периоди.

Во услови на војна во Украина и интензивирање на судирите на Блискиот Исток и како дезинформациите придонесуваат за разгорување на конфликтите, Валис вели дека под ударот на дезинформациите на кои се изложени, граѓаните почнуваат да се сомневаат и во изворите кои би требало да се веродостојни. 

-Се обидуваат да се информираат од оние кои им се познати, во мојата држава тоа е Би-Би-Си. Дури и институција како Би-Би-Си е цел на критика затоа што наводно не ги прикажува двете страни на одредена расправа, како што треба. Така, луѓето почнуваат да се сомневаат и во некои извори кои би требало да се добри. Кога ќе настане таква недоверба кај луѓето, тие се вртат кон алтернативните извори кои, како што знаеме, можат да бидат многу опасни, вели Валис.

Нагласува дека новинарите во овие услови на зголемена недоверба и скептична публика треба да ја работат својата работа многу подобро и поквалитетно од претходно и при тоа да се придржуваат до новинарските кодекси. 

Во интервјуто, Валис говори и за имплементацијата на Законот за медиумска слобода во ЕУ, но и за неговата дискрепанца со Законот за дигитални услуги. Вели биле задоволни што со одредбите во Законот за дигитални услуги се овозможило дезинформациите веднаш да се отстранат, но сепак со Законот за слобода на медиуми се дава рок од 24 часа за нешто да биде отстрането.

-Сега, ова може да биде променето со Законот за слобода на медиумите, што ќе дозволи период од 24 часа кога станува збор за медиуми. И признавам дека постојат многу одговорни медиуми, но што може да се случи во тие 24 часа. Во мојата држава велиме – лагите веднаш полетуваат, за неколку минути, часа, особено сега на интернет, додека пак на вистината ѝ требаат неколку денови да земе залет, и тоа е предоцна, нагласува таа. 

Во продолжение следува целото интервју со претседателката на ЕУ Дисинфо Лаб, Диана Валис со видео материјал:

Во Краков се одржа годишната конференција ЕУ Дисинфо Лаб, со околу 400 учесници, кој беше фокусот на конференцијата оваа година?

 -Функционираме како собирна точка за заедницата на дезинформации. Видовте имавме луѓе од цела Европа и пошироко кои дојдоа на конференцијата што е на некој начин главниот настан во оваа година на дезинформации, со луѓе кои работат во влади, новинари, од сите различни сектори кои заедно се соочуваат со информации и можат да се соберат и да ги споделат своите искуства. Имаме говорници на конференцијата кои имаат вистинско искуство со дезинформациите. На пример, првиот говорник беше млад човек, Брет Ли, кој бил целосно вовлечен во светот на теориите на заговор, но успеал да излезе. Сега, тој жестоко се застапува да ги извлече луѓето од овој проблем.

Кои се најновите дезинформациски трендови, кои се регистрирани  во европските земји?

-Очигледно многу од тоа е поврзано со Русија поради војната. Она што го гледаме е дека оние што ги шират ваквите информации стануваат сè попаметни кога станува збор за начинот на кој го прават тоа. На пример, објавивме извештај претходно оваа година што покажа како оние кои се обидуваат да шират дезинформации се маскираат во мејнстрим медиуми на интернет. Луѓето се прелажуваат од изгледот или слични нешта и тоа навистина вознемирува. Ни се чини понекогаш дека законодавците секогаш доцнат неколку чекори.

Која е најапсурдната дезинформација, со која сте се соочиле во вашата работа, ако може да издвоите една?

-Кога ќе видите нешто, ако почнете да истражувате ќе сфатите дека тоа е погрешно претставено, зборуваме за начинот на кој нештата се претставени. Понекогаш фактите ги вовлекуваат луѓето, но се претставени на начин да изгледаат како нешто друго. Имавме еден пример минатата година во Индија, случај кој се ширеше и на други места во светот, во кој еден субјект се претставуваше како многу угледна институција во ЕУ.

Дезинформациите и кризите се „најдобри пријатели“. Се соочуваме со актуелната војна во Украина, но сега и интензивирањето на конфликтот на Блискиот Исток. Дали кризите ги создаваат дезинформациите или обратно дезинформациите влијаат врз интензивирање на кризите?

-Тоа е меѓузависна врска и некои од нештата што ги слушнавме денес го потврдуваат ова. Проблемот е дека луѓето се соочени со толку многу дезинформации што им станува тешко да разграничат на кои извори можат да им веруваат. Се обидуваат да се информираат од оние кои им се познати. Во мојата држава тоа е Би-Би-Си. Дури и институција како Би-Би-Си е цел на критика затоа што наводно не ги прикажува двете страни на одредена расправа, како што треба. Така луѓето почнуваат да се сомневаат и во некои извори кои би требало да се добри. Кога ќе настане таква недоверба кај луѓето, тие се вртат кон алтернативните извори кои, како што знаеме, можат да бидат многу опасни.

Дезинформациите ја намалуваат довербата во новинарството, граѓаните многу често не прават разлика меѓу оние кои шират дезинформации и професионалните новинари. Како да се заштити слободното новинарство?

-Повеќето од вас, како новинари, имате кодекси на однесување и се очекува од вас да се однесувате на одреден начин кога станува збор за што известувате, да си ги проверувате изворите, да бидете многу внимателни. Мислам дека следењето на тие кодекси би требало на некој начин да обезбеди сигурност. Сега се соочуваме, од многу причини, со многу скептична јавност и тоа ги комплицира работите, но претставува и причина да бидете дури подобри од претходно. Има нешта што законодавците можат да ги направат за да се обидат да им помогнат и да ги заштитат новинарите, нивниот начин на работа, нивните извори и друго. Но сега постои и една страшна тенденција кон таканаречените Стратешки тужби против јавното учество (SLAPPs).

Дали можеби решението конкретно за земјите во ЕУ е имплементација на Законот за медиумска слобода, Законот за дигитални услуги и останатите ЕУ регулативи и иницијативи за креирање политики. Сето тоа е на хартија, како ќе заживее во пракса?

-Отсекогаш сум сметала дека Европската унија функционира врз основа на дијалог и ако ги имате овие закони, и во право сте, понекогаш ги имате и се прашувате дали всушност некој ќе направи тие да профункционираат. Но, мислам дека законодавството на ЕУ често обезбедува комуникација помеѓу платформите и пратениците, и Комисијата. И оваа година, кога ќе се одржат избори ширум Европа, слушнав дека Комисијата навистина разговара со платформите. Можеби однадвор се чини дека ништо не се сменило, но мислам дека всушност има промени, и многу повеќе се работи за да го направиме просторот во Европа посигурен од претходно.

Велите слободните медиуми имаат потреба за помош за да бидат слободни и да бидат заштитени од лошите играчи, дали се ставаме во опасност заштитувајќи ги да им ја одземеме слободата?

-Некои од нас се загрижени дека, да, медиумите со право добиваат посебен третман, но за да гарантираме посебен третман, посебно кога вие објавувате работи онлајн, ако работите не се точни, ако се евентуално штетни, тогаш тие треба брзо да бидат отстранети и бевме среќни да ги видиме одредбите во Законот за дигитални услуги, што овозможуваат работите веднаш да се отстранат. Сега, ова може да биде променето со Законот за слобода на медиумите, што ќе дозволи период од 24 часа кога станува збор за медиумите. И признавам дека постојат многу одговорни медиуми, но што може да се случи во тие 24 часа, во мојата држава велиме – лагите веднаш полетуваат, за неколку минути, часа, особено сега на интернет, додека пак на вистината ѝ требаат неколку денови да земе залет, и тоа е предоцна.

Може ли подетално да го појасните конфликтот меѓу Законот и медиумска слобода и Законот за дигитални услуги и и како тој да се надмине? 

-Мислам дека треба да се навратиме на позицијата од Законот за дигитални услуги и тоа мора да биде приоритет, ако нешто не е точно, мора веднаш да биде поправено и не треба да се троши време, бидејќи, како прво, ќе настане голема дискусија за тоа што е, а што не е медиум, и второ, ќе се отвори расправија, и кога таа расправија трае повеќе од 24 часа, ќе биде предоцна, штетата ќе биде направена.

Вештачката интелигенција станува се поважна тема поради нејзиниот познат капацитет да генерира фиктивни содржини, кои изгледаат хиперреалистично, нејзиниот наводен капацитет да се справи со дезинформациите побрзо отколку човекот. Дали сметате дека вештачката интелигенција е закана за новинарството или може да биде корисна за подобрување на новинарските вештини?

-Според мене, вештачката интелигенција може да биде користена за добро, но мора да биде протолкувана или користена од човечки ум, и тоа е наша одговорност и начинот на кој ја користиме. Зборувавме многу за вештачката интелигенција денес, и моето мислење останува исто. Таа може да направи многу за нас, но мора да знаеме како да ја користиме. Некој објаснуваше во сесијата што ја имавме дека навистина бил погоден од некоја слика од дете во воена зона, но вештачката интелигенција никогаш не би можела да го почувствува тоа. Тоа е човечка реакција и токму таа наша човечка реакција на визуелни или пишани работи е нешто што вештачката интелигенција никогаш нема да може го замени. Мислам дека вештачката интелигенција може да направи некои прекрасни нешта, но секогаш во еден момент ќе ѝ бидеме потребни како посредници за содржината.

Ана Цветковска

Фото: МИА

Видео: Љубомир Домазетов

Монтажа: Андреј Бранковиќ

Овој текст МИА го изработи во соработка со Институтот за комуникациски студии  во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада. 

 

Остани поврзан