• петок, 22 ноември 2024

Буково село со западна култура и долга традиција

Буково село со западна култура и долга традиција

Битола, 24 март 2024 (МИА) - Во подножјето на Баба Планина, на околу четири километри јужно од Битола, на блага косина од Пелагониската рамнина, сместено во букови и лесковни шуми е селото Буково, за многумина брзо препознатливо по буковската пипер, но буковчани велат – не е само по тоа!

Буково е село со западна култура и со долга традиција, вели Томе Каровски, домаќин на новинарот на МИА и додава дека според негови сознанија селото било населувано и од жители кои по големиот земјотрес што го погоди античкиот град Хераклеја, своите живеалишта ги направиле во Буково.

-Буковскиот атар се протегал до реката Сива Вода од една страна и до реката Драгор од другата страна, а на северозапад нивите на буковчани биле до некогашната индустриска зона на градот. Со оваа површина, селото Буково од поодамна важело за една од поголемите словенски населби во овој дел на државата. Некогаш во селото имаше повеќе од 4.000 жители, а денес околу 500. Најголем дел се исселија во Америка, Австралија и западноевропските земји. Според традицијата, повеќето во Буково на кратко се враќаат за време на христијанскиот празник Преображение кој е заедничка слава и се слави со црковен обред и панаѓурска веселба на Буковскиот манастир. Буково е едно од ретките села во Битолско во кое има повеќе цркви и манастири, меѓу кои црквата „Св. Димитрија“ изградена во 1895 година. Заштитник на селото е Свети Димитрија, вели нашиот домаќин и водич, Томе Каровски потсетувајќи дека во еден период, како што рече бил кмет на селото.

Црквата „Св. Димитрија“ има висока камбанарија која со својот убав звук се разликувала од другите камбани во околните села, но заради долго употребување во 1934 година напукнала со што го изгубила убавиот звук. Улогата на камбаната била повеќе од голема, на секој празник одекнувале нејзините звуци, а и учениците знаеле кога да почнат и кога да завршат со наставата во недостиг на часовници во домовите на буковчани, што се разбира не е така денеска.

Буковчани се гордеат со многу обележја и знаменитости што се наоѓаат во нивниот атар, а една од нив е месноста Бирарија. Името на месноста произлегува од податокот што таму некогаш постоел објект за производство на бира, пиво. Денеска тука останале само неколку воденички камења, кои можеби биле во функција на бираријата. Иако бираријата повеќе ја нема, сепак во катастарските книги името не е избришано. Друго обележје, воедно легенда за селото, а се наоѓа во планината Стар Забел и Неолица, се постоечките вдлабнатини во неколку камења. На еден рамен камен има вдлабнатини на опинци и змија, на другиот камен се забележува знак на симитчија, а на третиот човечка тупаница. За знакот на опинците и змијата, легендата зборува за натскокнувањето на

Марко Крале со змијата од височините на планината Стар Забел, забележал и публикувал Михајло Поповски Миндизов во својата книга „Буково – да не се заборави“.

Буковчани со посебна гордост истакнуваат дека откривањето на Хераклеја во 1935 година први го забележале и пријавиле токму жители на Буково, кои на својот имот ги откриле првите остатоци, мермерни камења изрежани во разни шари кои припаѓале на настраданиот град по големиот земјотрес.

-Во нашето село има прекресни куќи кои и ден денес импонираат со својата убавина. Најголем дел градени со кал и камен кој бил собиран од реките или со кршење спили во планината. На покривот на живеалиштата се забележуваат камени плочи. Најголем дел од куќите имаат приземје во кое се сместуваат бочви за вино, качиња за зимница, алати и други материјали, додека на катот се одаите (собите) за живеење. Поголем дел од буковчани во своите дворови имаат фурни за подготовка и печење леб, но и за познатата буковска пипер која за жал ја подготвуваат малку семејства во селото. Куќите се градени со архитектонски решенија, една до друга во низ. Во селото се уште постои, иако долги години е празна и единствената куќа во која со пајтон од Битола во Буково доаѓал и престојувал српскиот Крал Александар Караѓорѓевиќ. За него во куќата биле изградени посебни соби за спиење, капатило, кујна и други потреби, вели Каровски и додава дека се уште како народ пропуштаме да нудиме туристички атракции со различни историски приказни.

Буково постепено губи уште еден заштитен знак на селото, а тоа е уличната калдрма и камени коцки со кои, како што вели нашиот домаќин, беа послани улиците, а сега над нив има тенок слој асфалт.

- Низ Буково, полна со вода „потксокнува“ реката Киндирка која се формира од изворите на Дванаесетте Кладенци што извираат од буковската шума на планината Стар Забел. Користа од речните води за селото Буково е од непроценлива вредност, животот без нив неможе да се замисли. Во селото постојат неколку извори и чешми. Во моментов има две, ние ги викаме природни чешми од кои тече вода од Бога дадена. Ги одржуваме и се грижиме за нивната околина. Водата е многу убава и здрава за пиење, потврди нашиот домаќин, со кого не ја пропуштивме приликата да ја згаснеме жедта која не совлада со прошетката низ селото.

Посетата на Буково ја завршивме пред Задружниот дом, изграден во 1948 година, објект направен од рацете на многу семејства, вклучувајќи ги родителите на Томе Каровски кои како и други буковчани вложиле труд, материјал за изградба на Домот и пари.

-За жал, денеска објектот е запуштен, но барем е зачуван од нечие присвојување бидејќи секој би посакал ваков објект во центарот на селото. Домот е празен, како и селото, но тие што сме тука продолжуваме да се занимаваме со различни работи. И, секако не забораваме на празниците. Сега во тек е предвелигденскиот празник кој почна со деновите на запостувањето, вели Каровски.

На Велигден како секогаш, така и оваа година ќе се соберат семејствата во селото, членовите на семејствата што живеат во македонските градови, но и голем број во странство. Ќе се слави три дена, а потоа секој продолжувае со секојдневните работи, ни рече Каровски за време на посетата на битолското село Буково.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Остани поврзан