Бугарски научници ќе учествуваат на светска конференција во Ница за проблемите на Светскиот океан, изјави за БТА во Бургас проф. Христо Пимпирев
- Можеме само да се гордееме со она што го правиме во науката и истражувањето на океанот, особено кога следните десет години се прогласени од Обединетите нации (ОН) за истражувања на океаните. Ние сме веќе официјално поканети на сите форуми што се занимаваат со истражување на океаните. Само за еден месец ни претстои учество на многу голема светска конференција во Ница, каде што ќе се разгледуваат проблемите на Светскиот океан, изјави пред БТА проф. Христо Пимпирев, претседател на Бугарскиот антарктички институт (БАИ). Тој појасни дека бугарските морски истражувачи се официјално поканети на оваа конференција од француската влада.

Софија, 12 април 2025 (МИА/БТА) - Можеме само да се гордееме со она што го правиме во науката и истражувањето на океанот, особено кога следните десет години се прогласени од Обединетите нации (ОН) за истражувања на океаните. Ние сме веќе официјално поканети на сите форуми што се занимаваат со истражување на океаните. Само за еден месец ни претстои учество на многу голема светска конференција во Ница, каде што ќе се разгледуваат проблемите на Светскиот океан, изјави пред БТА проф. Христо Пимпирев, претседател на Бугарскиот антарктички институт (БАИ). Тој појасни дека бугарските морски истражувачи се официјално поканети на оваа конференција од француската влада.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Проф. Пимпирев беше гостин во Бургас за отворањето на научниот форум во рамките на фестивалот за роботика First Lego League 2025.
„Претстои да го продолжиме развојот на бугарската поларна база, истражувањата на океанот со нашиот брод, бидејќи досега нашиот научноистражувачки пловен објект не излегол од Црното Море. Знаеме дека тоа е затворен басен, не е океан. Така се приклучуваме кон морските држави, кон оние што откривале нови континенти, кон колонијалните држави како Шпанија, Португалија, Холандија. Тие ги откривале новите светови, додека ние сме ги граделе нашите куќи со грб кон морето“, коментира поларниот истражувач по повод завршувањето на 33-тата научноистражувачка експедиција до Антарктикот и идните планови на бугарските научници.
Тој потсети дека во последната бугарска експедиција учествувале претставници од земји што за првпат стапнале на Антарктикот. „Двајца беа од Обединетите Арапски Емирати, имавме балкански соседи од Црна Гора, грчки истражувачи. Кога во Грција античките Елини го крстосувале Средоземното Море со своите бродови, ние немавме држава. А сега ние сме тие што ги одведовме првите грчки научници на Ледениот континент“, додаде тој.
Проф. Пимпирев коментира дека со радост гледа воодушевени лица на децата што учествуваат на фестивалот First Lego League 2025, чија главна тема оваа година е Dive (од англ. јазик – нуркање – бел.а.). „Тие направиле толку прекрасни бродови и не само тоа. Ова покажува дека Бугарија има иднина во нив“, изјави тој.
Според него, интересот на младите за истражувањата на Светскиот океан и на Антарктикот останува, бидејќи младите научници разбираат дека Бугарија е мала држава, но е дел од овој свет. „Ние мораме да го истражуваме овој свет со нашите научници, кои треба да одат и да прават откритија за Бугарија. Среќен сум што сè уште имаме млади луѓе што сакаат да го прават тоа“, рече проф. Христо Пимпирев.
За време на отворањето на форумот, тој потсети дека 33-тата бугарска антарктичка експедиција успешно заврши вчера, откако научноистражувачкиот брод „Св. св. Кирил и Методиј“ пристана на Морската станица во Варна. „Ова беше третата мисија на овој брод. Докажавме дека сме морска нација – односно нашиот научноистражувачки брод по трет пат го премина Светскиот океан, работи во Јужниот океан, кој е најстудениот и најнепристапниот“.
Во рамките на научниот форум, дел од фестивалот за роботика First Lego League 2025, посетителите можат да гледаат проекции на научнопопуларни и документарни филмови што го прикажуваат бугарскиот придонес за заштитата на Светскиот океан. Меѓу нив се „100 години тишина“ на Марија Чернева, „Антарктик“ на Живко Константинов, „Првото пловење: 126 дена на бродот“ на Благој Цицелков и „Наука за морето“ на Илјана Стоилова. Прикажана е и современа морска техника што се користи за подводна наука и климатски истражувања. Меѓу експонатите се сонди, дронови и подводни апарати што научниците ги користат за работа или за спасувачки мисии, презентирани од Институтот за океанологија при Бугарската академија на науките (БАН).
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.