• понеделник, 23 декември 2024

Бугарски историчари шират лажен триумфализам штетејќи им на добрите односи меѓу двата народа, порача македонскиот тим од Историската комисија

Бугарски историчари шират лажен триумфализам штетејќи им на добрите односи меѓу двата народа, порача македонскиот тим од Историската комисија
Скопје, 19 август 2022 (МИА) - Во јавноста се создаде погрешна перцепција дека историчарите од бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања изразиле чувство на триумфализам во однос на усогласените решенија, оцени вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи дека станува збор за маргинална група историчари во Бугарија кои се на маргините на политичката дебата и се поставени провокативно кон овој процес. И членовите на македонскиот тим на Историската комисија нагласија дека „ликувањето“ и „славењето победа“ од страна на некои бугарски историчари е несериозно и претставува лажен триумфализам, кој само пречи на работата на Комисијата и на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Според Османи, овие бугарски историчари намерно се обидуваат да ги поткопаат постигнатите решенијата на Комисијата договорени уште во 2019 година. - Во Република Бугарија апсолутно нема чувство на триумфализам, истакна Османи. Членовите на македонскиот дел од Комисијата посочуваат дека во утврдениот текст никаде не се пишува за бугарски национален карактер на Македонија, на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, туку дека тоа е обид на овие историчари да избегаат од фактот оти текстовите ги негираат националистичките теории востановени во Бугарија во кои се тврди дека старословенскиот е старобугарски или дека Кирил и Методиј се бугарски просветители. - Тоа е така бидејќи очигледно не сакаат да прифатат дека во средниот век лојалноста е кон династија или круната и тоа не значи културна и етничка припадност, а употребата на политоними (Бугарија) не е еднакво на етноним, се посочува во пораката на македонските историчари. Членовите на македонскиот тим на Комисијата нагласуваат и дека средновековните државни атрибути немаат идентитетско значење како што денес ги разбираме, посебно не во тој ран средновековен период. Во реакцијата на македонскиот тим од Историската комисија се додава и дека по објавените решенија во јавноста излегоа реакции во кои доминираа клевети, обвинувања и манипулации за ненаучност, предавство и бугаризација, без притоа да се понудат аргументи за тоа, а оние малку аргументи што се нудат всушност се произволни, нестручни и селективни толкувања на историјата, со употреба на празна и исполитизирана реторика за наводна бугаризација на Македонија и Македонците. - Најголемото разочарување и истовремено иронија е тоа што во голем дел обвинувањата за наводното предавство се повикуваат на македонската историографија, која впрочем веќе ги нотирала фактографските податоци наведени во решенијата на Комисијата, се додава во реакцијата. Според членовите на Комисијата, најголемата лага е дека текстовите со кои се препорачува заедничко чествување ќе бидат применети во образовниот систем, иако при секоја можност досега е наведувано дека заедничко чествување е една, а препораките за учебниците сосема друга тема на дискусија. - Личностите предложени за заедничко чествување се избрани поради нивното универзално значење за културите на современите држави и поради постоењето историски традиции во двете општества за нивната дејност, посочуваат од македонскиот тим на Комисијата. Тие потенцираат дека Македонците ќе продолжат да ги слават и чествуваат овие личности како дел од македонската историја, култура и традиција, а евентуалното заедничкото чествување при јубилеи, годишнини и соодветни поводи може да претставува само начин да се покаже дека овие личности имаат универзален карактер. - Ниту на едно место не се сугерира тоа што упорно некој сака да го прикаже. Ниту една од препораките не сугерира дека Македонците немаат право да ги слават самостојно своите национални и историски вредности и никој не ги „демакедонизира“, како што се манипулира, затоа што целосно легитимно е во националните политики на сеќавања, сето наследство од овие личности да се слави како национално наследство, посочуваат членовите на Историската комисијата во реакцијата. Во овој контекст, шефот на дипломатијата Османи посочи дека негативните реакции во однос на договорените решенија на Комисијата за историски и образовни прашања се последица на намерно пласирани лажни вести од страна на политички центри, со цел да се искористи дебата за дневно политичка борба. - Северна Македонија деновиве е претворена во центар за лажни вести. Значи, можам најодговорно да кажам дека 95 проценти од сите шпекулации, од сите информации во врска со „францускиот предлог“, во врска со Протоколот, во врска со решенијата на Комисијата се намерно пласирани лажни вести од страна на политички центри со цел да се искористи емотивниот карактер на оваа дебата во дневно политичката борба, истакна Османи. Според него, главен проблем е што одредени политичари по секоја цена дури и за прашања коишто се најсуштествени за државата, се калкулираат само од аспект дали се на власт или не. - Битно е да се слушаме. Мислам дека не се слушаме во оваа дебата. Мислам дека сме закотвени во нашите позиции, онака како ние мислиме дека е нашиот политички поглед по однос на тоа прашање и воопшто не ги слушаме аргументите. Денеска излегува Историската комисија и кажува - дајте аргументи за овие тези коишто ги кажувате против решенијата. Никој не дава аргументи. Дури и авторите на слични решенија се критични, бидејќи стана популарно да се биде критичен. Стана нов тренд и нова мода да се биде критичар. Но, реалноста не е тоа. За жал, проблемот е што не се слушаме, а не во тоа дека не говориме доволно, додаде шефот на дипломатијата. Портпаролот и заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев вчера на брифинг ја поздрави работата на Историската комисија, посочувајќи дека Бугарија ги охрабрува нејзините членови да продолжи уште поинтензивно во напорите „за што побрзо завршување на работата по сите периоди од заедничката историја“. сп/лв/

Остани поврзан