• вторник, 17 декември 2024

Бугарија: Спортските легенди Михаел Валхофер, Марк Жирардели и Христо Стоичков, како и министерот Евтим Милошев ја почнаа зимската сезона во Банско

Бугарија: Спортските легенди Михаел Валхофер, Марк Жирардели и Христо Стоичков, како и министерот Евтим Милошев ја почнаа зимската сезона во Банско

Софија, 14 декември 2024 (МИА/БТА) – Скијачките легенди Михаел Валхофер и Марк Жирардели, добитникот на Златната топка Христо Стоичков и вршителот на должноста министер за туризам Евтим Милошев ја започнаа зимската сезона во Банско. Традиционално, почетокот на скијачката сезона е празник на Бундеришката ливада, кој започнува наутро со разновидни игри што ги подготвува концесионерот на скијачката зона. Почетокот на сезоната го поставуваат скијачките легенди и децата од скијачката школа Јулен.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Гости на одморалиштето годинава се австриската легенда во алпско скијање, Михаел Валхофер, кој во својата кариера освои светска титула во спуст, четири медали од светските првенства и сребрен медал од Олимписките игри, а во стартовите на Светски куп има 49 подиуми; петкратниот добитник на Големиот кристален глобус Марк Жирардели и добитникот на „Златната топка“, „Златната копачка“ и голем број престижни фудбалски награди Христо Стоичков, кој е и почесен граѓанин на Банско.

Пред новинарите, скијачката легенда Михаел Валхофер ја коментираше разликата помеѓу неговото прво гостување во Банско во 2011 година и сега, посочувајќи дека и тогаш условите биле добри, но утрово видел неверојатни услови за скијање. Тој рече дека одлично се забавувал скијајќи во одморалиштето, а неговите впечатоци се дека скијачите на патеките денес биле многу добри.

Марк Жирардели на прес-конференција по почетокот на сезоната во ски зоната изјави дека очекува прекрасна сезона во Банско, кое уште една година е домаќин на Светското првенство. Годинава, скијачката зона ќе биде домаќин на спусти од Светскиот куп во сноуборд, потсети Жирардели.

Христо Стоичков повика да се ужива во можностите во Бугарија, а одморалиштето постојано да се рекламира. Гледате дека секој ден доаѓаат се повеќе туристи, коментираше тој и изрази гордост што како банскалија може да претставува отворање на сезоната 2024-2025. Стоичков му се заблагодари на својот прв ски инструктор Марк Жирардели, кој пак му честиташе за брзиот напредок и добрите перформанси на патеката.

Вршителот на должноста министер за туризам, Евтим Милошев, истакна дека сезоната е започната одлично, со многу снег. Тој додаде дека туризмот е нешто посебно затоа што освен што е директен учесник во Бруто домашниот производ, дава можност за развој на регионите, обезбедува егзистенција на малите и средни бизниси и е лицето на Бугарија.

На прес-конференцијата градоначалникот на Банско Стојчо Баненски рече дека зимата започнува со многу снег, а професионалноста на концесионерот на зоната „Јулен“ АД ги покажува своите резултати со совршени услови за скијање. Баненски коментира дека местата за сместување и храна ги чекаат нивните гости, инфраструктурата е подготвена, преземени се неопходните мерки од сите институции вклучени за непречен тек на сезоната.

Директорот за маркетинг на скијачката зона Иван Обрејков посака добра сезона со многу туристи, но и успех за сите бугарски зимски центри. Обрејков потсети дека претстои Светскиот куп во сноуборд, изразувајќи надеж дека земјата ќе има победник на натпреварот.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан