• четврток, 21 ноември 2024

Бугарија прави чекор напред кон Шенген со укинување на концесијата на Лукоил

Бугарија прави чекор напред кон Шенген со укинување на концесијата на Лукоил

Софија, 2 август 2024 (МИА) - Бугарскиот парламент изгласа укинување на концесијата на руската нафтена компанија Лукоил за управување со нафтениот терминал Росенец во близина на црноморското пристаниште Бургас, потег за кој законодавците се надеваат дека ќе го забрза влезот на земјата во Шенген зоната на ЕУ без граници, пренесува Јаху.

Законот што го поддржаа 144 пратеници во парламентот од вкупно 240 места, предвидува дека на Лукоил ќе му биде дозволено да управува со нафтениот терминал по раскинувањето на концесијата, но со плаќање надоместок на бугарската влада. Концесијата ќе престане да важи за една недела.

Пристаништето Росенец, недалеку од Бургас, е единствениот специјализиран нафтен терминал на бугарското крајбрежје на Црното Море. Под контрола на Лукоил е од 2011 година, кога руската компанија доби концесија за 35 години.

Терминалот го опслужува единствената рафинерија во Бугарија, Нефтохим Бургас, која има капацитет за преработка на 196.000 барели дневно и е исто така во сопственост на Лукоил. Бугарските пратеници во јануари усвоија одлука која и дозволува на владата да ја преземе рафинеријата на период до една година.

Во своето излагање пред парламентот, владејачката десно-центристичка партија ГЕРБ, Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија (ПП-ДБ) и Движењето за права и слободи, рекоа дека раскинувањето на концесијата ќе ја спречи Русија да ги користи бугарските објекти за финансирање на војната во Украина.

Тоа исто така ќе обезбеди спроведување на санкциите на ЕУ, помагајќи ја бугарската кандидатура за Шенген, рече копретседателот на ПП-ДБ, Кирил Петков, пред гласањето. Бугарија се надева дека ќе биде примена веќе оваа есен. ссм/

фото: архива

Остани поврзан