• среда, 26 јуни 2024

Бројот на Египќани кои починаа за време на аџилакот во Саудиска Арабија се искачи на 672

Бројот на Египќани кои починаа за време на аџилакот во Саудиска Арабија се искачи на 672

Каиро, 23 јуни 2024 (МИА) -   Бројот на Египќани кои го загубија животот поради топлотен удар за време на аџилакот во Саудиска Арабија се зголеми на 672, додека 25 се водат за исчезнати, изјавија денеска извори од египетските безбедносни и здравствени служби.

Неименуван египетски владин функционер претходно изјави дека најмалку 630 Египќани загинале за време на аџилакот, а повеќето од смртните случаи биле пријавени на службите за итни случаи во населбата Ал-Муаисем во Мека.

Египетската кризна единица задолжена за истрага на случаите на починати аџии за време на овогодинешниот аџилак во Мека во саботата објави дека им ги одзел лиценците на 16 туристички агенции и против нив поднеле тужби до јавниот обвинител, обвинувајќи ги дека се одговорни за смртта на аџиите кои не биле официјално регистрирани.

Единицата задолжена за истрагата е формирана во четвртокот и ја предводи египетскиот премиер Мустафа Мадбули.

Од единицата соопштија дека е потврдено дека 31 официјално регистриран египетски аџии починале поради хронични заболувања.

Над 1.000 луѓе загинаа за време на овогодинешниот аџилак во Саудиска Арабија поради екстремно високите температури, соопштија денеска саудиските власти. Саудиските власти ја зајакнаа контролата на нерегистрираните аџии, протерувајќи десетици илјади луѓе.

Сепак, многу од нив, главно Египќани, успеале да стигнат до светите места во и околу Мека, некои дури и пеш.

За разлика од аџиите кои патуваат со соодветни дозволи, илегалните аџии немаа резервирано хотели за да се заштитат од високите температури.зш/

Остани поврзан