Борел со критика за Фон дер Лајен и Калас: ЕУ го губи кредибилитетот затоа што не му се спротивставува на Трамп
- „Таа војна е нелегална според меѓународното право. Ние ги трпиме последиците во форма на цените на енергијата, а (американскиот претседател Доналд) Трамп се фали дека тоа е добро за САД затоа што се извозник на нафта“, изјави Борел, кој денеска е претседател на Центарот за меѓународни работи од Барселона, за бриселскиот портал „Политико“.
Брисел 16 март 2026 (МИА) - Поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, остро го критикува сегашното раководство на Унијата, вклучувајќи ги и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и неговата наследничка Каја Калас, затоа што, како што оцени, Брисел не се залагал доволно за меѓународното право во случајот со Иран.
Борел е најновиот во низата шпански социјалисти сојузници на Фон дер Лајен, кои истакнуваат дека ЕУ не направила доволно за да го почитува меѓународното право по војната на САД против Иран, која е „нелегална и не е оправдана со непосредна закана, како што тврдат некои“.
Тој го пофали пристапот на шпанскиот премиер Педро Санчез, најжестокиот критичар на нападите на Трамп врз Иран во Европа.
„Таа војна е нелегална според меѓународното право. Ние ги трпиме последиците во форма на цените на енергијата, а (американскиот претседател Доналд) Трамп се фали дека тоа е добро за САД затоа што се извозник на нафта“, изјави Борел, кој денеска е претседател на Центарот за меѓународни работи од Барселона, за бриселскиот портал „Политико“.
Тој оцени дека Фон дер Лајен „продолжила да ги надминува своите ингеренции“ со зголемување на ангажманот во надворешната политика на ЕУ, критика што шефот на Комисијата ја слушна во последните денови и од главните градови на ЕУ.
„Таа е систематски пристрасна кон САД и Израел“, рече шефот на дипломатијата на ЕУ за време на првиот мандат на Фон дер Лајен во писмени одговори за „Политико“.
За својата наследничка Каја Калас, тој рече дека „таа треба да биде појасна во осудата на кршењето на меѓународното право, без оглед дали е извршено од Русија, Израел или САД“ бидејќи ЕУ губи кредибилитет кога селективно ги користи меѓународните норми.
Борел исто така повика на суспензија на трговскиот договор потпишан од Фон дер Лајен и Трамп затоа што бил „неправеден од самиот почеток“.
Според него, тој договор изгледа уште поуниформен во контекст на Стратегијата за национална безбедност на САД, заканите на Трамп кон Гренланд и Шпанија и во условите на енергетската криза поради војната со Иран.
„Покрај тоа, Врховниот суд на САД ги прогласи царините за неуставни, а не мислам ни дека новите 15 проценти се правно точни“, рече Борел.
Кога станува збор за ветото на Унгарија и Словачка и блокираните 90 милијарди евра за Украина, Борел рече дека владите на тие две земји „отворено го прекршиле принципот на искрена соработка, кој е дел од договорот (ЕУ)“.
„Тоа е прашање за судот. Другите 25 земји- ленки би можеле да обезбедат премостувачки заем додека не се одобри заемот од ЕУ“, рече Борел.сд/јт/
Фото: МИА архива