• понеделник, 23 декември 2024

Борел: Руската агресија врз Украина се одразува и врз настаните во Индо-пацификот 

Борел: Руската агресија врз Украина се одразува и врз настаните во Индо-пацификот 

Брисел, 4 април 2024 (МИА) - На денешната средба со нашите партнери од Индо-пацифичкиот регион ќе разговараме за случувањата на три жаришта во светот – Црното Море, Црвеното Море и Јужното Кинеско Море, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на средбата на шефовите на дипломатиите на НАТО со претставници на Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд во седиштето на Алијансата во Брисел.  

- Тоа што се случува во Индо-пацифичкиот регион е поврзано со руската агресија врз Украина. Неодамнешното руско вето во ОН за контрола на севернокорејската ракетна програма покажува колку се блиски Русија и Северна Кореја и како работат заедно за обезбедување оружје за напади во Украина, истакна Борел. 

Според него, потребно е што побрзо зајакнување на поддршката за Украина и мора таа да биде поголема, бидејќи сегашната помош не е доволна.

- Русија уништува цивилни цели, го уништува енергетскиот систем што ги засега сите Украинци, убива луѓе и уништува инфраструктура. Тоа укажува само на едно – дека мора да ја продолжиме поддршката на Украина, да обезбедиме заштита на повеќе цивили и да ја опремиме Украина со капацитети за одбрана, додаде Борел. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан