• сабота, 22 јуни 2024

Борел заминува во посета на Австрија на разговори за односите ЕУ-Западен Балкан 

Борел заминува во посета на Австрија на разговори за односите ЕУ-Западен Балкан 

Брисел, 20 јуни 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска и утре ќе престојува во посета на Австрија, каде ќе има разговори и дискусии посветени на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Борел денеска во Виена ќе има средби со претставници на австриските власти, вклучувајќи го и претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен. 

Утре, Борел ќе отпатува во Вахау, каде ќе учествува на годишниот „Форум Европа“, на кој со шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг, министрите за надворешни работи од земјите од Западниот Балкан и со претставници на тинк-тенк и граѓански организации на работни сесии и дискусии ќе размени мислења за соработката меѓу Европската Унија и земјите од западнобалканскиот регион во надворешната и безбедносната политика, како и за проширувањето на ЕУ.  

Предвидено е на маргините на Форумот, Борел да има и билатерални средби со претставници на земјите од Западниот Балкан.  

Во рамки на Форумот, на Борел ќе му биде врачена наградата „Д-р Алоис Мок“, по што ќе има обраќање пред присутните. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан