• среда, 24 април 2024

Борел: Да не дозволиме „да се игра шах“ на Блискиот Исток, да го оттргнеме регионот од работ на амбисот (ДПЛ) 

Борел: Да не дозволиме „да се игра шах“ на Блискиот Исток, да го оттргнеме регионот од работ на амбисот (ДПЛ) 

Брисел, 16 април 2024 (МИА) - Шефовите на дипломатии на ЕУ заземаа цврст став со барање до сите страни на Блискиот Исток да покажат воздржаност по последните случувања од изминатиот викенд и да не дозволат регионот да западне во тотална војна, изјави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по денешното вонредно заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ, што се одржа преку видео конференциска врска. 

- Нападот со дронови и проектили врз Израел од страна на Иран е без преседан во буквална смисла на зборот, бидејќи досега никогаш не се случил ваков воздушен напад. Ова секако претставува и голема ескалација на и онака веќе тензичната ситуација во регионот, рече Борел.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Борел потсети дека на заседанието на Советот за безбедност на ОН во неделата, генералниот секретар на Светската организација, Антони Гутереш оцени дека регионот на Блискиот Исток е доведен на работ на амбисот, па затоа, според Борел, меѓународната заедница мора да преземе чекори да го тргне од таму.  

- Мораме да го оттргнеме регионот од работ на амбисот, порача Борел.  

Според него, ако во сегашната ситуација се користи логиката на шаховската игра и на секој напад се одговора со противнапад, тоа ќе го доведе Блискиот Исток до тотална војна.  

- Тоа не ни е потребно. На Блискиот Исток не му потребна тотална војна, што ќе го зафати целиот регион. Не му е потребна ни на светот. Не им е потребна ни на луѓето во Газа, истакна Борел, додавајќи дека ако војната се прошири низ целиот регион, тоа нема да го запре конфликтот во Газа и само ќе го зголеми страдањето на луѓето во Појасот.  

Тој потенцира дека овој вонреден состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ беше свикан како резултат на случувањата на Блискиот Исток изминатиов викенд, но дека станува збор за неформално заседание на Советот за надворешни работи на кое не се донесени никакви одлуки, туку само се дискутирало за политички насоки, додавајќи дека некакви конкретни решенија се можни на дводневниот Специјален самит на Унијата, што започнува утре во Брисел. 

Борел информира дека случувањата на Блискиот Исток ќе бидат главна тема на редовното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ следниот понеделник во Луксембург, на кое покрај шефовите на дипломатиите ќе присуствуваат и министрите за одбрана на земјите членки, а за настаните во регионот ќе се расправа на состаноците на Г7, како и на средбата со партнерите од Советот за соработка во Персискиот Залив. 

- На денешниот состанок сите силно го осудија нападот. За тоа покажавме целосно единство. Земјите членки, исто така, ја реафирмираа својата и посветеноста на ЕУ на безбедноста на Израел. Единствени сме и во барањето за избегнување на ескалација и во повикот до сите актери да покажат воздржаност, изјави Борел. 

Тој информира и дека некои земји членки предложиле дополнителни санкциите кон Иран, најавувајќи дека службите ќе почнат да работат на овие барања веќе во следните денови. Според него, една од идеите е проширување на Режимот на рестриктивни мерки поврзани со доставата на дронови од страна на Иран на Русија, со тоа што со него би биле опфатени и испораката на проектили, но и на беспилотни летала за иранските сателити на Блискиот Исток, како во Либан, Јемен, Ирак или Сирија. 

Борел информира дека било предложено и воведување на санкции кон Иранската револуционерна гарда, но, според него, согласно правилата на ЕУ за такви мерки потребни се докази дека оваа формација или нејзините припадници биле вклучени во терористички активности. 

На средбата станало збор и за случувањата во Газа и за потребата од зголемување на хуманитарната помош што се доставува на цивилното население во реонот.  

- Да не ја заборавиме Газа. Да не заборавиме на тоа што се случува таму, бидејќи нема да биде можна регионална стабилност, нема да биде можен мир во регионот се додека трае војната во Газа и нема да биде разрешен израелско-палестинскиот конфликт, истакна Борел. 

Тој го повтори повикот за воспоставување на итен и одржлив прекин на огнот, за ослободување на преостанатите заложници киднапирани од страна на Израел, како и за справување со „катастрофалната хуманитарна ситуација“ во Газа. 

На прашање дали ЕУ учествувала во пресретнување и соборување на иранските дронови и проектили при нападот врз Израел во саботата, Борел изјави дека Унијата нема такви капацитети, не е држава и нема своја армија, туку е група на држави.

- Некои земји, како Велика Британија, Франција... придонесоа со своите воени капацитети во пресретнувањето на иранските проектили што го напаѓаа Израел. Така што, членки на ЕУ што имаа такви капацитети учествуваа во тоа. Исто така, учествуваме и во споделување на разузнавачки информации за нападите преку капацитетите на земјите членки, бидејќи ЕУ нема такви капацитети. Со тоа активно придонесовме за елиминирање на заканите што овие напади ги претставуваа за Израел, додаде Борел. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан