• понеделник, 19 јануари 2026

Богата програма за Водици во Делчево

Богата програма за Водици во Делчево

Делчево, 18 јануари 2025 (МИА) - Во Делчево привршуваат подготовките за чествувањето на православниот христијански празник Св. Богојавление-Водици, еден од најубавите христијански празници и празник кој го носи значењето на светата тајна на крштевањето, како еден од столбовите на христијанството.

Традицијата поврзана со овој ден е длабоко вткаена во нашата вера и идентитет и по тој повод, почитувајќи ја традицијата, Општина Делчево на 19 јануари, в понеделник, организира низа настани кои ќе се етаблираат како традиционални и ќе бидат дел од туристичката понуда на Делчево.   

Традиционалното празнувањето ќе започне во градската црква „Успение на пресвета Богородица” со света литургија во чест на празникот која ќе започне во 8.00ч., а со која ќе чиноначалствува Неговото преосвештенство епископот делчевско-каменички, Марко.

На осветувањето на водите на река Брегалница во централното градско подрачје му претходи свечена литија, по што на мостот кај река Брегалница во 11.00ч, ќе се одржи церемонијата за осветување на водите на река Брегалница, а годинава 40-момчиња се пријавиле за да скокнат  во водите на река Брегалница по светиот крст.

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, како што соопштија од Општината на среќниот пронаоѓач на крстот во водите на река Брегалница ќе му додели ваучер во износ од 10. 000 денари, a во градскиот парк ќе биде организиран музички хепенинг.

По повод празникот градоначалникот Гоцевски ќе организира средба со поканети гости во неговиот кабинет на кој ќе се дискутира за потенцијалите за развој на Делчево.

Манифестацијата е во организација на Општина Делчево и општествено одговорни компании. вс/нд/

Фото: Општина Делчево

Остани поврзан