• понеделник, 04 ноември 2024

Блумберг: Источноевропските земји ги зголемија трошоците за одбрана на рекордни нивоа

Блумберг: Источноевропските земји ги зголемија трошоците за одбрана на рекордни нивоа

Вашингтон, 9 октомври 2024 (МИА) - По руската инвазија на Украина, 14 земји-членки на НАТО ги зголемија трошоците за одбрана на ниво невидено од падот на комунистичките режими - на 70 милијарди долари само оваа година, пишува Блумберг, повикувајќи се на извори.

Значителен дел од опремата се купува за да се замени советската опрема испратена во Украина, а овие земји исто така се обидуваат брзо да го изградат својот воен потенцијал, кој повеќето од нив го занемаруваа со децении, наведува медиумоит.

„Откако не направивме речиси ништо на ова поле 20 години, ова во основа е скок од машини од прва или втора генерација на машини од четврта или петта генерација. Тоа е како да се преселите од компјутер со процесор 386 до најновите повеќејадрени мрежни решенија“, рече началникот на Генералштабот на вооружените сили на Словачка, генерал Данијел Змеко.

Источното крило на НАТО најпрво најави зголемување на воените трошоци кога Русија го окупираше Крим во 2014 година, а во 2021 година, една година пред руската инвазија на Украина, меѓу најголемите економии на континентот, само Велика Британија ја достигна целта на Алијансата од два отсто од БДП.

Според шефот на естонската агенција за одбранбени набавки, Магнус-Валдемар Сар, Естонија потрошила повеќе за одбрана во последните 18 месеци отколку во претходните 30 години. Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур истакна дека проблемот е хроничниот недостаток на средства. Земјата, која дели заедничка граница со Русија, издвојува 3,4 отсто од БДП.

„Проблемот е што не бевме на два проценти во последните 30 години, бевме на еден процент, а некои земји се дури и под прагот од еден процент“, рече тој.

Воениот сојуз проценува дека оваа година на земјите од Источна Европа отпаѓаат пет од седумте најголеми трошоци за одбрана на НАТО како процент од БДП. Полска е на прво место, со над 4,12 отсто од БДП. Помалку од еден месец по инвазијата на Украина, парламентот донесе закон со кој се зголеми буџетот и создаде посебен фонд за финансирање скапи набавки.

На второ место е Естонија – 3,43 отсто, потоа САД – 3,38 отсто, Латвија – 3,15 отсто, Грција – 3,08 отсто, Литванија – 2,85 отсто, Финска – 2,41 отсто, Данска – 2,37 отсто, Велика Британија – 2,33 отсто и Романија - 2,25 отсто, според Блумберг. зш/

Остани поврзан