• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи: Инвестираме околу 2,5 милијарди евра на Коридорот 8

Битиќи: Инвестираме околу 2,5 милијарди евра на Коридорот 8

Крива Паланка, 9 април 2021 (МИА) - На Коридорот 8 вложуваме во инфраструктурни проекти во вредност од околу 2,5 милијарди евра и тие се јасен сигнал и кон нашите сограѓани, соседите во регионот, но и во Европа дека инвестираме во иднината, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој со вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалнот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во градежните активности на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.

Вицепремиерот Битиќи изјави дека само во севереоисточниот дел од нашата земја, во патната и железничката инфраструктура, има проекти во вредност од 700 милиони евра, кои ги опфаќаат изградбата на овој експресен пат,  проширување на патот од Крива Паланка до Деве Баир и рехабилитација на патот од Куманово до Страцин, но и изгрдабата на пругата од Куманово до границата со Бугарија. Потенцира дека активно се работи и на западниот дел од Коридорот 8 каде е веќе во изградба автопатската делница Кичево – Охрид во вредност од речиси 600 милиони евра, а во план е изградба, односно реконструкција на автопатскотото решение Ќафасан – Требеништа и Тетово – Кичево, за кое, како што рече, сметаме дека ќе биде решение со коешто еднаш засекогаш ќе биде завршен Коридорот 8 и ќе осигураме поврзување со две соседни земји. -Исто така, железничкиот Коридор 8 во западниот дел од земјата е во план да се гради со нова делница од Кичево до Лин за кој имаме веќе готов проект со проекција од околу 500 милиони евра, а за кој веќе започнавме да коминицираме со меѓународните финансиски институции за обезбедување на средства. Сите овие проекти на Коридорот 8 кои се во вредност од околу 2,5 милијарди евра се јасен сигнал и кон нашите сограни, соседите во регионот, но и во Европа дека инвестираме во иднината. Ова е наш влог и доказ за силната посветеност да создадеме квалитетна, безбедна транспортна мрежа за просперитетна С. Македонија, за поинтензивна регионална соработка и за подобар живот на нашите граѓани, порача Битиќи. Вицепремиерот Николовски информираше дека експресниот пат Ранковце – Крива Паланка опфаќа две делници, кои и во услови на пандемија и во потешкотии се градат повторно со зголемена динамика. – Тоа се овие две делници, од Ранковце – Крива Паланка, како и доизградбата на третата лента на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир, која почна пред повеќе месеци. Вкупната вредност на овие три делници од овој регион е околу 70 милиони евра. Овој инфраструктурен проект, како дел од Коридорот 8 е од исклучително значење за регионалното поврзување и соработка, но и развојот на меѓународната трговија, рече Николовски.

Овие проекти, заедно со планираните и со веќе реализираните инфраструкурни проекти во регионот, треба да овозможат забрзан раст и целосно и конечно поврзување и интеграција на североистокот, кој, нагласи,со децении беше заборавен.

-Кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот  не ги попречи капиталните инвестиции. Тие продолжија со изведба и тоа со интензивна динамика. Со ваквите капитални инвестиции ја помагаме економијата во еден многу важен период. Продолжуваме да градиме и да создаваме инфраструктурна комуникација и ново лице на државата. Го оживеавме кривопаланечкиот македонски регион, а секојдневно со многу мудрост работиме на реализацијата и на овој регион и на целата држава. Вложуваме во инфраструктурата, вложуваме во иднината на сите генерации, порача Николовски.

Министерот Бочварски нагласи дека се работни за многу значајна патна артерија во североисточниот дел од земјава на Коридорот -8. Вкупната инвестиција на овој експресен пат од 25 километри е 58 милиони евра со што, како што рече, овозможуваме голем економски потенцијал во овој дел од државата.

-Само на оваа делница на која присуствуваме денеска инвестицијата е над 30 милиони евра. Делницата е од Крива Паланка до Глобочица, рече Бочварски. Посочи дека од изведувачите и од надзорниот орган се информирани дека во оваа втора фаза на експресниот пат се работи со добра динамика и има реализација од над 50 отсто. Бочварски потенцира дека земјава има стратешка определба за изградба и модернизација на целиот Коридор-8, кој е еден од двата паневропски коридори во државата и ги поврзува источната и западната страна. Посебен фокус, како што рече, ставаме на изградба и модернизација токму на овој коридор кој е од национален интерес. -Во моментот работиме на над 100 километри експресни патишта на територија на целата држава со инвестиција од на 170 милиони евра. Покрај изградбата на овој експресен пат, во текот на овој месец почнуваме со модернизација и на постоечкиот патен правец од Куманово до село Војник, исто така од Коридорот 8, а веќе работиме на рехабилитација на постоечкиот пат од село Војник до Страцин. Дополнително работиме и на проширување на третата лента од Крива Паланка до границата со Бугарија, до Деве Баир,  со што вкупните инвестиции само во патната инфраструктира во источниот дел од Коридорот-8 изнесуваат над 80 милиони евра, најави Бочварски. Тој потсети дека е потпишан Меморандум за соработка со американскит конзорциум за изградба на Коридорот -8, а тоа се делниците од Тетово –Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола. Нагласи дека активно работат на сите проекти, во моментов се работи на 17 патни правци со околу 300 километри и со вредност од околу 825 милиони евра во патната инфраструктура,  а се работи и на другите капитални проектите во гасификација, водовод и канализација секаде низ државата.вг/мд/  

Остани поврзан