• петок, 22 ноември 2024

Бислимоски: Термоелектраните мора да работат и покрај трендот на „свичување“ од регулиран на слободен пазар

Бислимоски: Термоелектраните мора да работат и покрај трендот на „свичување“ од регулиран на слободен пазар

Скопје, 25 март 2024 (МИА) – За да може да работи и да функционира нашиот систем за електрична енергија мора да имаме и базна енергија и заради тоа термоелектраните мора да работат, иако е факт дека во изминатиот период имаме ситуација цената на берзата во одредени часови да е пониска отколку што е производната цена на термоелектраните во Битола, истакна денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

- Тоа е проблем на којшто мора да се работи и мора да се решава на некој начин, но за жал, во Македонија почна да се увезува јаглен и не можеме да очекуваме дека цената на електричната енергија произведена од РЕК Битола со увезен јаглен ќе биде далеку пониска како што било во изминатиот период. Заради тоа, во овој период имаме еден тренд на мали потрошувачи, коишто биле снабдувани од универзалниот снабдувач и сега гледајќи ги пазарните услови на пазарот, поголем дел од нив се префрлаат и одат на слободниот пазар на електрична енергија, рече Бислимоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Прецизира дека во ноември околу 3.500 мали потрошувачи од регулиран преминале на слободен пазар, во декември околу 3.700, во јануари околу 4.800, а во февруари околу 5.300.

-Овие потрошувачи гледаат дека цената на слободниот пазар паѓа, исто како што беше и во 2019 кога го искористија тоа право да си одат на слободен пазар и да си ги обезбедат потребите од електрична енергија по цени коишто за нив се поповолни и тоа го прават и сега. Ние тој тренд го имавме во 2019 година кога огромен број на мали потрошувачи отидоа на слободниот пазар на електрична енергија, но за жал со започнувањето на енергетската криза од средината на 2021 година најголем дел од нив се вратија на регулираниот пазар на електрична енергија. Значи, тоа се пазарни случувања, пазарна динамика како им одговара на овие потрошувачи така и се прилагодуваат на случувањата на пазарот на електрична енергија, истакна Бислимоски.

Нагласи дека очекува во периодот што следи тоа да го направат и некои од домаќинствата кои влегуваат во четвртиот блок.

-Очекувам трендот на „свичување“ од регулиран на слободен пазар да се зголеми во наредниот период, имајќи во предвид дека во саботата цената на ХУПЕКС беше 43-44 евра, во неделата 32-33 евра за мегават час. Трендот во наредниот период ќе биде се поизразен и поизразен и ќе имаме повеќе мали потрошувачи коишто ќе одат на слободниот пазар, а исто така верувам дека и оние домаќинства коишто длабоко навлегуваат во четвртиот блок ќе се префрлат на слободниот пазар на електрична енергија каде што верувам дека ќе имаат подобри услови, односно подобри цени за електрична енергија, посочи Бислимоски.

ЕСМ како државна компанија, додаде, тоа што може да го даде ќе го дава и треба да се сконцентрираме на прв, втор и трет блок.

-Одењето на дел од потрошувачите на слободен пазар позитивно влијае на работењето на ЕСМ бидејќи на ЕСМ на тој начин му се ослободуваат количини на електрична енергија коишто би можел да ги продава на слободниот пазар по цена што е повисока од 58 евра за мегават час по која ја дава на универзалниот снабдувач, рече Бислимоски. вј/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан