• петок, 22 ноември 2024

„Биомак Енерџи“: Ако остане ограничувањето на цената, од 1 декември на пазарот нема да има пелети

„Биомак Енерџи“: Ако остане ограничувањето на цената, од 1 декември на пазарот нема да има пелети
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Преку 80 проценти од потребите за пелети ги обезбедуваме од увоз, а со мерката што ја донесе Владата на 2 ноември цената на пелетите е ограничени на пониско ниво од влезните цени. Солуцијата која ние ја нудиме сега е да се врати претходната мерка којашто исто така била репресивна, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти. Доколку остане во сила сегашната мерка, од 1 декември нема да има нови количества на пелети на пазарот и ние ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети, истакна претседателот на Националното здружение на производители и дистрибутери на продукти од биомаса „Биомак Енерџи“, Владимир Стојановски. Тој нагласи дека во услови кога Владата го субвенционира градското парно со 18 милиони евра, тие побарале субвенции од државата за граѓаните кои се греат на пелети и огревно дрво, но досега не добиле одговор. - Владата донесе мерка каде што ја ограничи цената на пелетите во апсолутна вредност, а имаме ситуација во којашто од земјите од каде што вршиме увоз имаме повисоки влезни цени. Во една таква ситуација крајниот резултат би бил ние да бидеме приморани, додека тоа не се смени, едноставно да не вршиме увоз, од едноставна причина што не можеме да продаваме со загуба. Крајниот резултат исто така би бил недостиг на пелети. Ние како здружение ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети на пазарот и економските оператори да ја остваруваат својата цел, а тоа е да функционираат, увезуваат, дистрибуираат и продаваат на крајните потрошувачи, изјави Стојановски на денешната прес-конференција. Тој информираше дека главните пазари од каде што се увезуваат пелетите се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија, но, како што нагласи, во моментов Србија и БиХ вовеле забрана за извоз, Црна Гора воспоставила квоти и дозволи за секој камион посебно со што извозната процедура се отежнува, додека Бугарија нема доволни количества на пелети за извоз. Единствен избор за увоз на пелети во последните пет до шест месеци е Турција, но како што информираше Стојановски, и таму цените се високи затоа што пазарните цени и услови ги диктира Германија. Тој додаде дека има побарувачка од страна на граѓаните, но ако сегашната мерка остане во сила тоа ќе биде неодржливо и нефункционално во пракса. На прашање кој би бил нивниот предлог за излез од ваквата ситуација, Стојановски информираше дека на 23 август со допис побарале од Владата субвенционирање на пелетите. - Владата го субвенционира градското парно во Скопје, како што кажа премиерот со преку 18 милиони евра и тоа е добро и треба да биде така. Меѓутоа, имаме ситуација каде што граѓаните на Центар, Аеродром и Карпош се субвенционирани со 18 милиони евра, а што е со граѓаните во Бутел, Драчево, Радишани итн. Затоа побаравме субвенции од државата за граѓаните кои се греат на пелети и огревно дрво, но не добивме одговор, нагласи Стојановски. Тој додаде дека солуцијата која тие ја нудат сега е да се врати претходната мерка којашто исто така била репресивна, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти. - На тој начин се постигнуваат два ефекти. Владата со 10 проценти маржа ги штити граѓаните да нема прекумерна заработка на увезената стока, а во исто време дава можност да работиме. Затоа што ние не можеме да знаеме во наредните три месеци како ќе се движат пазарите од каде што увезуваме, посочи тој. На прашањето за висината на моменталните цени, тој информираше дека во 2021 година во земјава се потрошени 120 илјади тони пелети, од кои 95 илјади од увоз, а останатите 25 илјади се од домашно производство. - Во моментов влезната цена од Турција се движи меѓу 27,5 до 30-31 денар по килограм, а Владата кажува дека треба да продаваме по 27 денари. По тие цени ние не можеме да продаваме. Веќе има количини влезени во тие цени, значи оттука натаму увозот што ќе се врши е по повисоки цени од продажната и ние сме во апсурдна ситуација во којашто не можеме да функционираме. Крајниот резултат за жал ќе биде дека за многу брзо време ќе нема пелети на пазарот, одговори Стојановски. Прашан дали ќе се стабилизира цената доколку Владата го прифати предлогот со ограничување на маржата на 10 проценти, Стојановски повтори дека земјава е увозно зависна и во ваква ситуација можно е само прифаќање на тековите, случувањата и цените коишто се на тие пазари од каде што се врши увоз и тоа апсолутно не зависи од увозниците во земјава. Околу тврдењата на Пазарниот инспекторат дека увозниците чуваат залихи купени по пониски цени, за нивно препродавање по повисоки во нареден период, Стојановски одговори дека бројката што ја спомнал Инспекторатот изнесува 4.500 тона, којашто е само четири проценти во споредба со вкупната потрошувачка на 131 трговец во цела држава, што изнесува околу 120 илјади тона и дека тоа е сосема мало количество, што обично на лагер го имаат еден до двајца трговци. Во однос на залихите, Стојановски информираше дека, иако сега е сезоната, набавката на пелети почнува дури и од мај и дека се купува во текот на сите месеци и не е нешто што се чува. Освен тоа, околу ова прашање, тој рече дека количествата за набавка се лимитирани и не можат предвремено да се набават прекумерно поголеми количини. - Доколку не се најде решение со Владата, според неформалните податоци за две недели или од 1 декември Македонија нема да има нови количества на пелети, предупреди претседателот на „Биомак Енерџи“. Според податоците на Здружението, околу 40 до 45 илјади домаќинства се греат на пелети, а градско парно користат околу 60 илјади домаќинства, што, според Стојановски, во квадратура и во квантитет на луѓе, корисниците на пелети се повеќе од градското парно и рече дека и тие граѓани треба да се опфатат со мерка за субвенционирање. Околу прашањето дали некогаш било разговарано со Владата за субвенционирање на производството на пелети, Стојановски рече дека едно од барањата поднесени до Владата во месец август било и ДДВ стапката за влезните инпути за производство да се намалат од 18 на 5 проценти. - Исто така ние како држава треба стратешки, на долг рок, да се фокусираме на зголемување на домашното производство. Тоа е патот кон енергетска автономност, патот кон нормализација и да не бидеме увозно зависни, истакна тој. Во однос на денешната изјава на министерот за економија Крешник Бектеши, кој тврди дека цената за увоз во октомври би изнесувала 23 илјади по тон и затоа цената е ограничена на 27 илјади по тон или 27 денари килограм, со кое се калкулирани заработувачката и останатите трошоци, Стојановски одговори дека тие цени се од просек кои ги вклучуваат цените дури од мај и јуни и дека тоа е лажна слика. Според него, од сега, па натаму увозните цени на пелети во земјава ќе бидат повисоки од продажните. - Доколку цената, како што изјавил министерот е 23 денари, ние ја повикуваме Владата да изврши набавка на пелети по таа цени, да ни ја одреди маржата по која да заработуваме, да ни ги достави, а ние оперативно ќе ги сработиме до граѓаните по цена коишто тие ќе ја утврдат, подвлече Стојановски. сх/сп/

Остани поврзан