• недела, 16 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Бигорски ги поканува верниците на Типик на вечерна богослужба за Прочка и порачува едни со други да се помириме и да си простиме

Бигорски ги поканува верниците на Типик на вечерна богослужба за Прочка и порачува едни со други да се помириме и да си простиме

Дебар, 28 февруари 2025 (МИА) - Бигорското светилиште, кое отсекогаш го негува богослужбениот ред, Типик на вечерна богослужба, практикува во целост, во предвечерието на почетокот на велигденските пости.

Така, и оваа година ги повикува верниците да земат учество во споменатава богослужба, која ќе започне во недела (2 март) со почеток во 17:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на Свети Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување на верниците и монасите.

Затоа, стои во соопштението, светите отци за овој последен ден пред постот предвиделе специфична богослужба, давајќи на верните можност да си побараат прошка едни на други и така да направат добар почеток на светиот Пост.  

Во духот на оваа, првично монашка традиција, таа неделна вечерна богослужба во Бигорскиот манастир е вистинско доживување за сите присутни, кои во голем број се собираат овде за со искрено покајание и помирување со другите, достојно да се подготват за посниот подвиг.

- Глетката во храмот навистина го стоплува срцето и побудува на покајание. Очите се полнат со солзи, додека наоколу се разлеваат трогателните и отрезнувачки вечерни стихири, а покајното расположение достигнува врв со посебните коленопреклони молитви, што игуменот на свештениот манастир, епископот Партениј, со особено умиление ги чита пред сите присутни, измолувајќи од Бога прошка и благослов за претстојниот свет пост, додаваат од Бигорската свештена Обител.

Посакуваат благословен почетокот на Великиот пост а едни со други да се помириме и да си простиме. вт/

Фото: Бигорски манастир

 

Остани поврзан