• понеделник, 23 декември 2024

Бесплатниот превоз на одредени лица за здравствени потреби во Скопје, отсега со поддршка и од МЗ

Бесплатниот превоз на одредени лица за здравствени потреби во Скопје, отсега со поддршка и од МЗ

Скопје, 19 август 2024 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска го посети Црвениот крст во Скопје, по повод промоција на нивното партнерство околу санитетскиот транспорт.

Во изјава за медиуми, Таравари рече дека денеска, на Меѓународниот ден на хуманоста, промовираат проект со наслов „Да делуваме хумано“.

- Се работи за промоција на четири возила што ќе бидат подготвени во секој момент да помагаат на луѓе кои се болни, возрасни, изнемоштени, со посебни потреби, кои не можат да ангажираат некого од семејството или некој близок, да ги однесе да завршат одредени работи, појасни министерот, најавувајќи го и проектот „Итно копче“, планиран да функционира 24/7 за сите овие пациенти.

Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје, појасни дека проектот се спроведува веќе три години во главниот град на државава, од денеска партнер станува и Министерството за здравство, а се разгледува можноста и да се прошири во други градови.

- Санитетскиот транспорт се наметна како потреба во однос на стари, изнемоштени и лица со попречености, поголем дел од нив, бидејќи се сами дома, немаат семејство. Овој транспорт го започнавме во пилот-фаза со поддршка на Австрискиот црвен крст и веќе сега влегуваме во фаза кога сметаме дека овој проект треба да прерасне во еден социјален сервис, регуларен сервис што ќе биде во нашата држава. Токму заради тоа, денеска ова го правиме со Министерството за здравство, со цел тие да го препознаат тоа, како продолжена рака на Брзата помош. Затоа што, Брзата помош е повеќе за животозагрозувачки состојби, а нашиот санитетски транспорт е исклучиво за транспорт на лица во делот на проверка, медицински преглед, промена на гипс, катетер, контрола... Санитетскиот транспорт е исклучиво за поддршка на лицата кои не можат сами да се справат со здравствената состојба, појасни таа во изјава за МИА.

Санитетскиот не е итен транспорт, нагласи таа, туку тој се најавува.

- Ние 24/7 сме достапни на телефонот 15-300 и граѓаните може тука да си го закажуваат транспортот, точно да си знаат во кое време нашите тимови доаѓаат, го земаат пациентот, го носат, го враќаат. Во моментов, е само во Скопје. Ако се покаже како голема потреба и во другите поголеми градови, сме во процедура на промоција, во локалните самоуправи. Во моментов, освен тоа што од денеска веќе и Министерството за здравство станува наш партнер, досега го работевме и го работиме тоа, со поддршка на локални самоуправи, додаде Тунева Пауновска.

Многу е важно, напомена таа, дека градоначалници го препознале ова како важен сегмент. Финансиската поддршка за овој санитетски транспорт, како што појасни таа, доаѓа од страна на градоначалници на скопски општини со кои Црвениот крст има склучено договор.

- И тука веќе ние правиме една целина, кога граѓаните, бесплатно го добиваат тоа, истакна Тунева Пауновска. бд/са/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан