Бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација за децата со атипичен развој од Кисела Вода
- Децата со атипичен развој од Кисела Вода ќе добиваат бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на Скопскиот универзитет. Градоначалниот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ, проф. д-р Оливер Бакрески, и Институтот за специјална едукација и рехабилитација, денеска потпишале меморандум за соработка.
Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Децата со атипичен развој од Кисела Вода ќе добиваат бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на Скопскиот универзитет. Градоначалниот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ, проф. д-р Оливер Бакрески, и Институтот за специјална едукација и рехабилитација, денеска потпишале меморандум за соработка.
Договорено е во сензорните соби во основните училишта во општината да се одвива стручна пракса на студентите и наставниот кадар од Институтот, што ќе овозможи поддршка, згрижување и стручна помош за децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакнал дека Кисела Вода е една од водечките општини во државава „која максимално е посветена на детската и социјална заштита, со посебен фокус на заштитата на лицата со попреченост“.
-Во рамките на оваа соработка ќе има стручна пракса со студентите и наставниот кадар од Институтот при што ќе се користат сензорните соби кои ни се комплетно опремени. Целта на оваа соработка е да им овозможиме на родителите поддршка и згрижување на децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови и да им овозможиме стручна помош од страна на стручни лица, изјавил градоначалникот.
Како што информира Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски посочил дека во изминатиот период се опремени шест сензорни соби во основните училишта во општината, реализирани се многу едукативни настани, како и трибина во партнерство со Македонското научно здружение за аутизам и стручно-научен конгрес со Центарот за психофизичко здравје „Гаспар“ од Скопје, со кој од септември годинава на жителите на општината им е овозможен пристап до дефектолошки, логопедски и психолошки индивидуални третмани. хс/сст/
Фото: Општина Кисела Вода