• недела, 22 декември 2024

Бесими: Клучно е решението за платите да биде системско и да се дефинира динамиката

Бесими:  Клучно е решението за платите да биде системско и да се дефинира динамиката

Скопје, 1 јули 2023 (МИА) - Одиме кон решение, а клучно е да биде системско и да се дефинира динамиката на платите, оцени денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, откако на завчерашниот состанок на Економско социјалниот совет беше договорено Владата до понеделник  да направи нови симулации за пресметка на платите во јавниот сектор, согласно понудените предлози од страна на синдикатите.

-Во интензивна комуникација сме, ќе се сретнеме во понеделник, можеби уште еднаш во текот на неделата. Одиме кон решение. Имаме платформа на која разговараме. Начелно, принципиелно сме согласни, одиме кон тоа како да го дизајнираме пакетот и клучно е да има системско решение во Општиот колективен договор и да се дефинира динамиката на платите.  Ќе има унифициран систем. Сега има различни методи, разни модели, последниот е минимална плата плус бодови. Не бараат коефициент. Имаше размислување и кај нив дали да биде минималната плата или просечната плата, повеќе беа за просечна плата. За нас беше како бара Синдикатот така да го прилагодиме моделот.  Последно што се разговара е за со просечната плата и ни треба период на транзиција да влезе во тој систем. Коефициент со просечна плата и период на транзиција, рече Бесими на брифинг со медиумите. 

Тој очекува да се најде прифатливо решение за сите, а вели и дека се следи процесот за помирување за барањето на Синдикатот на вработените Управата за јавни приходи за повисоки плати за 30 проценти.

Како што појасни, станува збор за различни работи, наспроти разговорите за динамиката за утврдување на платите во јавниот сектор, во случајот со УЈП има нов закон и усогласување на посебни права и специфики на работење. 

-Знам дека е голем социоекономскиот притисок, меѓутоа моја задача е да кажам кој ми е капацитет. Тоа што го имаме кажано за Буџетот во Парламент тоа е.  Вкупно милијарда евра, односно 960 милиони, зема плата од Буџетот јавниот сектор. Десет проценти ќе значи скоро 100 милиони евра плус. Но, затоа зборувам дека одиме кон решение, затоа ни треба транзициски период, рече Бесими.

Оцени дека ова е една од најголемите реформи досега за платите во јавниот сектор и оти со закон или со колективен договор ќе се гарантира нивниот раст,  а тоа што ќе се случи во јавниот сектор недвосмислено ќе се одрази и на платите во приватниот сектор.  

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП), завчера на седницата на ЕСС била презентиранa Методологијата за раст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 - 2025 година, односно зголемување на платите во период од 2,5 години.

-По конструктивната дискусија меѓу социјалните партнери во однос на предлогот, се донесе заклучок дека периодот на транзиција од 2,5 години е прифатлив, а владините претставници ќе направат нови симулации согласно понудените предлози од страна на синдикатите, соопшти МТСП.

Според синдикалците, има поместување од „мртва точка“. Има поместување од „мртва точка“, но ние од нашите барања не отстапуваме. -Она што беше понудено, за нас не беше прифатливо. Ќе видиме во понеделник дали ќе има понова математика од страна на Владата, изјави  претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.бд/лв/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан