• петок, 23 август 2024

Берово го слави 23 Август, Ден на градот

Берово го слави 23 Август, Ден на градот

Берово, 23 август 2024 (МИА) - Берово денеска го слави Денот на ослободувањето, 23 Август. Значајниот датум во Берово ќе се одбележи со повеќе активности кои ќе започнат со положување свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци, а потоа свечено ќе биде отворен и Саемот ,,Малешевијата на дланка" како и Етно плоштад фестивалот.

-Денешниот ден е од историско значење на општина Берово, кога е остварен вечниот идеал за слободно Берово. Низ историјата од секогаш постоеле луѓе, кои со своите визии, храброст и смелост, се истакнувале од обичниот народ. Храброста, пожртвуваноста на тие луѓе, ние денес ја градиме , негуваме и почитуваме и се гордееме со нивните дела. Нивниот дух и денес бдее над градот и ни го осветлува патот, кон  нашата слободна иднината, истакнаа од Општина Берово.

Во рамки на денешното одбележување ма 80 години Слободни Берово голема почит ќе биде укажана кон луѓето кои ги дале своите животи за нашата слобода.

-Денес и во иднина, ние, остануваме со љубовта кон својот град, да го чуваме и негуваме делото на нашите предци, да ги вреднуваме  културата и традицијата и со иста енергија, да го пренесеме на нашите наследници, на идните генерации.
Да живее Берово и низ напредок и просперитет да се развива.

За многу години. Честит 23 Август,  Ден на Општина Берово, се вели во честитката од Општината до граѓаните.

Во рамки на Етно плоштад фестивалот и годинава предвидена е тридневна програма со настап на повеќе музички ѕвезди од земјата и Балканот. Програмата вечерва ќе започне со настап на домашни и играорни групи од странство, додека главна ѕвезда на настанот е поп пејачката Јелена Розга која ќе настапи на 25 август. вс/

Фото: Општина Берово

Остани поврзан