• вторник, 05 ноември 2024

Белгија ќе гради два нови центри за сместување на барателите на азил во текот на зимата 

Белгија ќе гради два нови центри за сместување на барателите на азил во текот на зимата 

Брисел, 2 октомври 2023 (МИА) - Белгија планира да изгради два времени центри за сместување во кои во текот на зимскиот период би биле згрижени барателите на азил, јави „Брисел Тајмс“. 

Весникот наведува дека ваквата иницијатива следува по барањето на белгискиот премиер Александер Де Кро упатено до министрите во неговата Влада и останатите администрации во Белгија да „преземат одговорност и да им обезбедат сместување“ на лицата кои бараат меѓународна заштита, што им е гарантирано со законодавството во земјата. 

Според весникот „Тајд“, Владата веќе пронашла две парцели каде ќе бидат поставени монтажни објекти за времено згрижување на барателите на азил, но засега не ги соопштува нивните точни локации, иако неофицијално едната е во регионот Фландрија, а другата во Валонија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, се проценува дека овие два нови центри најверојатно нема да бидат доволни за справување со азилантската криза, поради што белгиската Влада се обидува да најде можни решенија за обезбедување на дополнителни слободни места за сместување на барателите на азил додека трае постапката за разгледување на нивните апликации. 

Кон крајот на август белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур најави дека Федералната агенција за прием на баратели на азил (Федасил) повеќе нема да им обезбедува сместување на барателите на азил-самци, со цел во услови на „зголемен прилив на семејства со деца“ да има доволно места за нивно загрижување и да се избегне опасноста „деца да останат на улица во текот на зимата“.   

На ова реагираа осум белгиски здруженија за човекови права, кои ја обжалија одлуката на Де Мур пред Државниот совет на Белгија, оценувајќи дека со неа не само што се кршат правата на барателите на азил, туку и правото на ЕУ и дека нејзиното спроведување „ќе ги остави мигрантите на улица“.  

Државниот совет, кој е највисок административен суд во Белгија, кон средината на септември пресуди дека со таквата одлука „не се почитува правото на прием“ на азилантите утврдено со закон, кој им гарантира материјална помош, вклучително и сместување, на сите баратели на азил во текот на постапката за одлучување по нивната апликација.   

- Законот не дозволува партиите да им го одземат тоа право на одредена категорија баратели на азил, во овој случај мажи-самци, заклучи Советот.  

Но, според Де Мур, само затоа што Државниот совет одлучил така, не значи дека наеднаш би било можно на овие луѓе да им се најде сместување.   

- Нема дополнителни места. Ова е привремена мерка што ја презедов за да се осигурам дека има доволно места за семејствата и децата, изјави Де Мур, додавајќи дека нема намера да се откаже од својата идеја за да не дозволи семејства на азиланти со деца да останат на улица во текот на зимата, затоа што државата нема каде да ги смести.  

Белгиските медиумите посочуваат и дека засега отпаѓа идејата предложена од двете зелени партии во владината коалиција, валонската Еколо и фламанската Зелени, како и од неколку организации за помош на мигрантите, за „задолжителна прераспределба на барателите на азил меѓу општините“, иако таква можност постои со актуелната законска регулатива, но таа не се применува во пракса. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан