• сабота, 21 декември 2024

Бела куќа: Бајден повика на брзи преговори за да се стави крај на штрајкот во американските пристаништа

Бела куќа: Бајден повика на брзи преговори за да се стави крај на штрајкот во американските пристаништа

Вашингтон, 1 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на САД, Џо Бајден ги повика преговарачите да работат „фер и брзо“ за да го прекинат штрајкот во пристаништата во државата, што може да има значителни економски бран-ефекти, соопшти Белата куќа.

„Претседателот Бајден и потпретседателката Харис внимателно го следат штрајкот во пристаништата на источниот брег“, се вели во соопштението на Белата куќа, објавено неколку часа по почетокот на штрајкот.

„Претседателот му упати на својот тим директно да ја пренесе својата порака до двете страни дека треба да бидат на маса и да преговараат со добра волја, праведно и брзо“.

Американските пристанишни работници на источниот брег на САД и Мексиканскиот залив, односно од бреговите на државата Мејн до Тексас, денеска стапија во штрајк, што може да ја загрози трговијата и да предизвика значителна економска штета доколку трае долго време.
Синдикатот на пристанишните работници ILA, кој има меѓу 50.000 и 85.000 членови, не успеа да постигне договор со Поморската алијанса на САД (USMX) за условите на новиот договор и, откако преговорите пропаднаа, ја оствари неговата закана дека ќе започне со прекин на работата во 14 американски пристаништа, јавија американски медиуми.

Наведените организации не се согласуваат околу прашањето за раст на платите и автоматизација на работата.

Пред почертокотк на штрајкот, Поморската алијанса на САД понуди да ги зголеми платите на работниците за речиси 50 отсто во следните шест години, но ILA го одби тој предлог и се одлучи за протести.

Експертите за синџирот на снабдување велат дека потрошувачите нема веднаш да ги почувствуваат ефектите од штрајкот, бидејќи повеќето трговци на мало складираат стоки и бараат достава однапред.

Доколку протестите, сепак, продолжат повеќе од неколку недели, прекинот на работата значително ќе го загрози националниот синџир на снабдување во САД. Конференцискиот одбор проценува дека еднонеделниот штрајк на пристанишните работници може да предизвика штета од 3,78 милијарди долари и да го забави целиот синџир на снабдување до средината на ноември. зш/

Остани поврзан