• вторник, 28 мај 2024

Бајрами: Курти да поднесе оставка, нема да му правиме услуга со распуштање на Собранието

Бајрами: Курти да поднесе оставка, нема да му правиме услуга со распуштање на Собранието

Приштина, 19 мај 2024 (МИА) – Потпретседателката и пратеничка на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Хикмете Бајрами упати остри критики на сметка на косовската Влада, предводена од Албин Курти, обвинувајќи ја за лошо владеење во економијата и други сектори, поради што вели дека премиерот треба да поднесе оставка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Набројувајќи ги, според неа, неуспесите на актуелната Влада, Бајрами во денешното интервју за агенцијата КосоваПрес бара оставка од Курти, порачувајќи дека ЛДК нема да му прави услуга со тоа што ќе се согласи за распуштање на Собранието пред одржувањето предвремени избори.

Таа вели дека нејзината партија е подготвена за вонредни избори и е уверена дека на нив и ќе победи.

- Ние сме апсолутно подготвени за нови избори, верувам дека ниту една политичка партија не е поподготвена од ЛДК … Меѓутоа, она што го бараме е господинот Курти да се предаде и да каже дека потфрлил на секое поле и дека затоа одиме на избори. Не сакаме тој всушност да оди на избори затоа што тоа го бара опозицијата, туку изборите се резултат на тоа што господинот Курти веќе го направил. Ние сме многу убедени дека ќе победиме и ќе бидеме прва партија, вели Бајрами.

Поранешната министерка за финансии, а пред тоа и за трговија и индустрија, напомнува дека за време на владата на Курти „економијата е деградирана“, а меѓу неуспесите на Курти и на партијата на власт, Движење самоопределување (ВВ), ги набројува и растот на инфлацијата, масовното бегање на граѓаните од земјата, санкциите од Европската унија и други.

- Списокот на неуспеси е многу долг, владата на Курти и господинот Курти со неговата мнозинска влада не успеа да исполни ниту едно од ветувањата врз основа на кои дојде на власт. Имавме галопирачка инфлација, а немавме индексирање на платите и пензиите. Не зборувам за нивно зголемување, туку барем за индексирање согласно стапката на инфлација, изјави Бајрами.

Според неа, капиталните инвестиции се најниски досега во последните 10 години, а освен тоа, за време на владеењето на Курти нема директни странски инвестиции во Косово.

- Сите инвестиции се во недвижен имот и ништо друго. Имаме масовно иселување на граѓани, не се изградени детски градинки, ниту еден од главните патишта кои ги затекнаа на половина, домови за стари лица … не се изградени, а не сме виделе ниту инфраструктурен проект кој би бил некакво обележје, некакво наследство на оваа власт, вели Бајрами.

Најголема загуба за економијата на Косово е заминувањето од земјата на работничката класа, вели Бајрами, која ги споменува и казнените мерки од страна на Европската Унија.

- Повеќе од една година сме под казнени мерки на Европската Унија. Има над 300 милиони евра проекти финансирани со ИПА фондови, со средства од СБ-ЕДИФ, со билатерални донаторски фондови, кои не се реализираат. Тоа се главно проекти за животната средина, во врска со водата за пиење, со рециклирањето на отпадните води, со рециклирањето на отпадот … Најголемата загуба за економијата на државата е бегањето на граѓаните, заминувањето на работничката класа, изјави Бајрами во интервјуто за КосоваПрес. иа/ми/

Остани поврзан