Баро: Одлуката на Алжир да протера 12 француски државни службеници нема да биде без последици
- Одлуката на Алжир да протера 12 француски државни службеници како одмазда за судските постапки во Франција е „за жалење и нема да биде без последици“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

Париз, 15 април 2025 (МИА) - Одлуката на Алжир да протера 12 француски државни службеници како одмазда за судските постапки во Франција е „за жалење и нема да биде без последици“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
„Ако Алжир одлучи да ги заостри односите, ние цврсто ќе одговориме. Франција нема да има друг избор освен да преземе слични мерки“, изјави Баро за телевизијата Франс 2.
Меѓу 12-те функционери кои Алжир сака да ги протера, некои се државни службеници во Министерството за внатрешни работи.
Француското обвинителство за антитероризам во петокот соопшти дека покренало судска постапка против тројца мажи, од кои еден работи во еден од конзулатите на Алжир во Франција. Тие мажи од алжирско потекло се во притвор и се гонат за злосторничко терористичко здружување.
Алжирските власти го обвинија францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо дека е „целосно одговорен“ за повторно оживување на тензиите меѓу двете земји.
Баро рече дека Ретајо нема никаква врска со тоа, нагласувајќи ја независноста на францускиот судски систем.
„Судството е независно. Ова е правен процес кој трае со месеци и нема никаква врска со (дипломатскиот) дијалог што го повторно го покренавме“ во март со алжирските власти, додаде шефот на француската дипломатија. рп/
Фото: МИА архива