• понеделник, 01 јули 2024

Балканските вина во фокусот на „Винска визија Отворен Балкан“ во Белград

Балканските вина во фокусот на „Винска визија Отворен Балкан“ во Белград

Белград, 12 јуни 2023 (МИА) - Меѓународниот саем „Винска визија Отворен Балкан“ што е под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, а како дел од иницијативата Отворен Балкан, срдечно упати покана за вториот меѓународен саем за вино, што ќе се одржи од 16 до 19 ноември 2023 година во Белград, каде што на уникатен начин ќе се вкрстат винските патишта на Балканот и ќе се соберат најдобрите производители на вино во регионот и пошироко, јави дописникот на МИА од Белград.

Минатата година „Wine Vision of the Open Balkans“ привлече над 30.000 посетители, љубители на вино и вински професионалци, презентираше повеќе од 350 винарии од регионот, промовирајќи ја богатата винска култура и воспоставувајќи вредни деловни контакти.

За помалку од една година „Винска визија Отворен Балкан“ имаше импресивни настапи на меѓународно ниво на водечките вински саеми како што се ProWein во Дизелдорф и VinItaly во Верона. Саемот воспостави стратешка соработка и со познатиот магазин Decanter, влијателен светски медиумски бренд, лидер во областа на виното, што го зголеми интересот на купувачите и винските професионалци ширум светот за регионалната винска индустрија.

За Саемот 2023 подготвивме програма која има за цел подобро да ги позиционира вината од регионот на светскиот пазар. Приоритет на „Винска визија на Отворен Балкан“ е да пласира што повеќе регионални винарии и затоа овогодинешниот саем ќе биде домаќин на уште поголем број професионални посетители, дистрибутери, вински новинари и експерти од целиот свет.

Саемот ќе има изложбено-продажен карактер, а ќе биде поделен на тематски зони каде ќе бидат претставени автентични вина и автохтони сорти од Западен Балкан и врвни вина од реномирани винарски региони ширум светот. Ќе има и тематски зони за производители на винска опрема и храна и гастрономија, каде посетителите ќе можат да уживаат во традиционалните специјалитети и гастрономски деликатеси.

Првиот ден од Саемот ќе биде резервиран исклучиво за професионални посетители, со удобни и пространи простории за состаноци, презентации и B2B работилници. Излагачите ќе имаат посебни услови, вклучително и субвенционирани цени на изложбениот простор. Форматот на саемот ќе им овозможи на потенцијалните потрошувачи да ги купат прикажаните производи, давајќи можност да развијат деловни контакти и да воспостават нови деловни врски.

Штандовите на саемот „Wine Vision of the Open Balkans“ ќе бидат приспособени на потребите на винариите, со маси за дегустација на вино, витрини за чаши, украсни аранжмани на шишиња за вино, како и простор за дегустации на вино. Опциите за штандови вклучуваат мали (16 m²), средни (32 m²) и големи (64 m²) штандови.

-Ве покануваме да ја искористите оваа можност да ги претставите вашите исклучителни вина, да ги инспирирате винските ентузијасти и да придонесете за растот и препознатливоста на балканската винска индустрија. Резервирајте ги датумите во ноември и подгответе се да бидете дел од едно извонредно патување кое ќе остави трајно влијание врз светот на виното, порачаа на сајтот Винска визија на Отврен Балкан.

Пријавувањето како изложувач или професионален посетител е единствена можност за вмрежување, учење и развој на вашиот бизнис. Крајниот рок за пријавување на излагачите е 19 јуни, а рокот за потврда на регистрација е 10 јули 2023 година. За повеќе детали за тоа како да аплицирате, посетете ја https://fair.openbalkan.com/ об/сд/

Остани поврзан