• среда, 08 јануари 2025

„Бадник“ одбележан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје 

„Бадник“ одбележан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје 

Скопје, 6 јануари 2025 (МИА) - Верскиот празник „Бадник“, ден пред Христовото раѓање, Божиќ, беше одбележан денеска во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Традиционалниот настан започна со химна и подигнување на бадникарско знаме. Свештени лица извршија осветување на бадникови гранчиња, но и на кумовата погача, што подоцна беше поделена помеѓу присутните. Беше примопредаден и бадникарскиот ќуп.

Пред присутните се обратија минатогодишниот бадникарски кум Божидар Јанковски, новиот кум Радомир Макеларски и здравичарот меѓу бадникарите, Атанас Петров, како и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

- Живееме во времиња на бурна демократија. Да се потрудиме на новите генерации да им овозможиме подобра иднина. А вие, избраните претставници од народот, во општините и Градот, потрудете се да го направиме ова наше Скопје уште поубаво и посреќно место на живеење, порача Петров.

Градоначалникот Герасимовски рече дека празниците зближуваат и посака убави празнични денови со спокој, љубов и благосостојба.

- Да се обединиме, да правиме добри дела и да сме солидарни со оние, на кои сме им потребни. Да ја чуваме традицијата што обединува и да ја пренесуваме на идните генерации, истакна Герасимовски.

Во своето обраќање, Макеларски рече дека бадникарскиот ќуп е голем трофеј за него и неговото семејство, ќупот не се купува, но, не се ни продава.

- Од ова место, сакам на сите, без разлика на вера и националност, да им порачам, да се сплотиме сите заедно, да живееме во слога и мир, нагласи новиот бадникарски кум.

Кумот традиционално доаѓа и си оди со зурли и тапани, со пајтон, со што, како што беше кажано, се почитува пајтонот како заштитен знак на старо Скопје. бд/вг/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан