• сабота, 05 октомври 2024

АСОМ/АПИС бараат повлекување на Законот за игри на среќа и формирање на работна група во која ќе бидат вклучени

АСОМ/АПИС бараат повлекување на Законот за игри на среќа и формирање на работна група во која ќе бидат вклучени

Скопје, 9 октомври 2023 (МИА) - Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) денеска ги повторија барањата за итно повлекување на Законот за игри на среќа и формирање на работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата со цел носење на нов функционален закон.

Како што денеска изјавија, добиле информација дека на дневен ред на денешната седница на Комисијата за европски прашања ќе биде ставен Предлог законот за игри на среќа.

 - Бараме итно повлекување на Законот за игри на среќа и формирање на заедничка работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата за носење на нов европски функционален закон, изјави Васко Илиевски од Асоцијацијата на спортски обложувалници пред Собранието.

Илиевски истакна дека носењето на овој закон ќе предизвика затворање на легалната индустрија и ќе отвори широка врата на сивата економија. 

 - До пратениците и Владата апелираме да не сфатат многу сериозно. За нас се апсолутно неприфатливи Предлог измените коишто предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување на интернет игри на среќа за лиценцираните приредувачи, зголемување на давачките и надоместоците, рече Илиевски.

Според него, законот е направен без соодветна анализа, истражување, коистење на факти и аргументи со тенденциозно избегнување на дебата и злоупотреба на европското знаменце.

- Апелираме до ЕУ и нејзините претставници во државата да го спречат ова насилство, оваа злоупотреба на европското знаменце кое стана секојдневна пракса во нашата држава, рече  Илиевски.

Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) истакна дека членките на АПИС се претставници и на странски компании кои индиректно помагаат меѓу 54 до 100 илјади работни места во земјата, и, како што рече, најмалку што очекуваат е да бидат третирани како и другите странски инвеститори. 

 - Со донесување на законот државата ќе изгуби најмалку 280 милиони евра буџетски приходи на годишна сметка. Се затвара целосно законско - економска гранка што ќе предизвика отварање на црно на игри на среќа во подрумски простории како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола ниту ќе остварува буџетски приливи, нагласи тој.

Илиевски и Стоименов потенцираа дека доколку апелите не вродат со плод, подготвени се да организираат масовни протести. сан/бак/

 

Фото: МИА/ АПИС

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан