• понеделник, 23 декември 2024

Археолошки наоди во Стибера, откриена агора, мермерна биста и артефакти

Археолошки наоди во Стибера, откриена агора, мермерна биста и артефакти

Прилеп, 4 ноември 2021 (МИА) - Откриена е прва агора во голем обем во антички град во земјава, мермерна биста и мерна маса, редок наод по примерот на Помпеја во Италија. Ова се дел од ексклузивните откритија со најновите истражувања на античкиот град Стибера кај Прилеп. Античка Стибера е позната како најголемо наоѓалиште на мермерни статуи.

Според археологот од прилепскиот Завод и музеј Душко Темелкоски, новите откритија го потврдуваат епитетот за „македонската Помпеја“ која нуди големи наоди на еден простор и тоа од 2 век од нашата ера, период на голем процут на античка Стибера кај прилепското село Чепигово.

Мермерната биста се смета дека е бистата на жената на императорот Антониј Пиј, Фаустина.

-Најрепрезентативен наод претставува бистата веројатно на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Тоа е време на најголемиот процут на градот, односно благосостојба на територијата  на целото римско царство. Кога Фаустина релативно млада починала во 140 година, императорот ја прогласува за дива, односно човек-божество. Во годините што следат во нејзина чест насекаде во царството се подигаат комеморативни бисти со нејзин лик. Бистата од Стибера била поставена на постамент во ниша која била луксузно декорирана со флорална орнаментика. Таа според извонредната изработка претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница за мермерни скулптури во градот, изјави археологот Темелкоски.

Откритието на агората во Стибера, место за купопродажба и дел од стопанските објекти на античкиот голем град е ретко на нашата територија. Заедно со мерната маса, најслична откриена во Помпеја, Италија, го зацврстува епитетот на Стибера како „македонска Помпеја“.

-Агорите, како големи плоштади во античките градови биле средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на луѓето. Покрај другото, агората претставувала и пазариште, место каде граѓаните вршеле стокова купопродажба. Со истражувањата откриен е всушност, така да го наречеме, административниот дел од агората во Стибера. Подот бил поплочен со мермерни и гранитни плочи, додека централно бил изграден ритуален бунар, околу кој се одвивале разни религиозни активности. Просторот бил заграден и покриен и според сочуваните остатоци од ѕидовите имал речиси квадратна форма со димензии 13 х 13 м, рече Темелковски.

Тој информира дека во агората во Стибера се откриени и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена терезија – вага. Тука било местото каде била верифицирана тежината на овошните плодови, зеленчукот и житариците кои се продавале. Другата маса претставува редок наод, за прв пат откриен во земјава. Тоа е таканаречена мерна маса за верификација на количествата на течните продукти (млеко, вино). На масата има издлабено 8 отвори со различни пречници и длабочини и со отвори на дното, каде истекувале течните продукти. Количествата кои се верификувале се 10, 5, 3, 2 литри, 1 литар, 700, 300 и 150 милилитри.

-Вакви мерни маси, но во фрагменти, се пронајдени во Италија, Грција, Турција и Израел. Според сочуваноста, нашата мерна маса се споредува со онаа од Помпеја, која била покриена со лавата по ерупцијата на вулканот Везув. На фронталната страна на овие маси обично имало врежан натпис, каков што има и масата од Стибера. Според натписот кој го прочита класичниот филолог Весна Калпакоска од Битола, службеното лице на агората, агораномот со име Ајлиј Химнос, во годината 289 од т.н. македонска ера, односно 142 од нашата ера, донирал свои средства за поставување на мерната маса, објаснува Темелкоски.

По завршувањето на археолошките истражувања, архитектот при прилепскиот Завод и музеј веќе направи конзерваторски анализи и би требало следната година да започне реконструкцијата и конзервацијата на откриениот дел од агората во Стибера. Античкиот град, каде во истражувањата се најдени преку 30 мермерни статуи и бројни артефакти со конзервацијата може да биде атрактивна туристичка дестинација.

-Се надевам дека по неколку кампањи на конзерваторски активности, ќе добиеме уште една репрезентативна градба покрај храмот на заштитничката на градот, Тихе. Заживувањето на античкиот урбан центар на областа Дериоп, Стибера, како значајна туристичка дестинација, го заслужуваат жителите на блиското село Чепигово, кои се гордеат со неа и несебично помагаат при археолошките истражувања, вели археологот од прилепскиот Завод и музеј, Душко Темелкоски.  ем/мд/

Остани поврзан