• понеделник, 25 ноември 2024

Арсовска: Корумпираните политичари најмногу сакаат да погрешам, но јас не грешам

Арсовска: Корумпираните политичари најмногу сакаат да погрешам, но јас не грешам

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) - Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, за најавата дека Финансиската полиција во понеделник влегува во Град Скопје во врска со набавката за новогодишното украсување на главниот град, во изјава за ТВ Сител вели дека китењето чинело 30 илјади евра, без да каже кој украсува за таа сума.

- Јас не би коментирала повеќе, само ќе ви кажам дека повикани се јавните институции. Ќе си дојдат, ќе си проверат. Тоа не го прави градоначалникот, туку го прави соодветна комисија во Градот Скопје и дека доколку било кој смета дека 300 илјади евра е сумата која треба да се плаќа на компаниите, односно да си плаќа некој на својот кум за да го кити Градот, јас мислам дека институциите треба малку посериозно да се позанимаваат со сите овие работи кои се случуваат во општеството. Знам дека овие корумпирани политичари кои седат на фотелјите 30 години сигурно дека нема нешто што повеќе би сакале во светот, а тоа е да погрешам нешто некаде. Меѓутоа, јас не грешам, изјави таа. 

Арсовска во изјавата тврди дека распишала јавен повик за украсувањето.

- Јавни повици и јавни набавки се нешто друго. Јавните набавки одат преку системот за јавни набавки, а јавните повици, секоја локална самоуправа ќе ви каже дека оди преку дел од програмите на нашите градови, односно локалните самоуправи, општините, и за истите си има соодветна законска процедура која е почитувана, истото е правено јавно во дневните весници во Република Македонија со соодветен рок и испочитувано е се како што треба, рече Арсовска.

Финансиската полиција во понеделник влегува во Град Скопје во врска со набавката за новогодишното украсување на главниот град.

По забелешките во јавноста за новогодишното украсување во Скопје и реакциите дека не е објавен тендер, од Град Скопје излегоа со информација дека украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој бил објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици.

- Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации, информираа претходно од Град Скопје. нд/ев/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан