• вторник, 13 јануари 2026

Арагчи: Изјавата на Трамп за помагање на демонстрантите во Иран е неодговорна и опасна

Арагчи: Изјавата на Трамп за помагање на демонстрантите во Иран е неодговорна и опасна

Техеран, 2 јануари 2026 (МИА) – Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска оцени дека изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за можната помош на Вашингтон на демонстрантите во Иран е „неодговорна и опасна“.

Тој нагласи дека иранската армија е „во состојба на готовност“ и додаде дека протестите низ Иран се претежно мирни, но дека нападите врз јавен имот нема да бидат толерирани.

„Со оглед на тоа што Трамп ја распореди Националната гарда во рамките на границите на САД, тој треба да знае дека криминалните напади врз јавен имот не можат да се толерираат“, рече Арагчи на мрежата X , пренесува Гардијан.

Трамп претходно денеска изјави дека САД ќе им обезбедат помош на демонстрантите во Иран ако, како што изјави, иранските власти убиваат мирни учесници во протестите.

Трамп напиша на социјалната мрежа Truth Social дека е обичај на иранските власти да убиваат мирни учесници во протестите и дека Вашингтон е подготвен да дејствува.

Иранските власти објавија дека најмалку седум лица загинале во демонстрациите поради економската криза во земјата, кои се проширија во руралните провинции.

Протестите започнаа во неделата, а беа предизвикани од инфлацијата и девалвацијата на иранскиот риал, кој сега вреди околу 1,4 милиони ријали за еден долар.

Овие протести се најголемите во Иран од 2022 година, кога смртта на Махса Амини, 22-годишна жена уапсена за несоодветно носење хиџаб, предизвика широки демонстрации низ целата земја, истакнуваат американските медиуми.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан