• недела, 22 декември 2024

Анкета: Хрватите и Словенците сакаат победа на Харис, Србите на Трамп

Анкета: Хрватите и Словенците сакаат победа на Харис, Србите на Трамп

Загреб, 24 октомври 2024 (МИА) - Најновото истражување на компанијата Валикон, спроведено во четири земји од Западен Балкан, покажува дека ставовите на граѓаните за потенцијалниот победник на претстојните претседателски избори во САД се поделени, објави Ал Џезира.

Разлики има и во перцепцијата за влијанието на тие избори врз меѓународните односи, особено кон ЕУ.

Претседателските избори во САД се закажани за 5 ноември, а кандидати се Доналд Трамп од Републиканската партија и Камала Харис од Демократската партија.

Овој изборен циклус го привлекува глобалното внимание поради можните последици за внатрешната и надворешната политика на Соединетите Американски Држави.

Во Хрватска, Камала Харис ужива најголема поддршка, со 56 отсто од граѓаните кои би сакале да ја видат како претседателка. Во Словенија, 46 отсто од испитаниците ја претпочитаат Харис пред Трамп, чија поддршка е околу 30 отсто.

Босна и Херцеговина покажува избалансирани ставови, додека во Србија значителна поддршка има Трамп, со речиси половина од граѓаните кои повеќе би сакале да го видат на чело на Америка. Харис, од друга страна, ужива најмала доверба во оваа земја, со поддршка од само 13 проценти.

Истражувањето се однесува и на перцепциите за тоа како победата на еден од кандидатите би можела да влијае на американската политика кон ЕУ. Поголемиот дел од граѓаните во регионот сметаат дека политиката на САД кон ЕУ ќе остане непроменета доколку победи Камала Харис, што делумно е очекувано со оглед на периодот на владеење на Демократската партија во последните четири години.

Спротивно на тоа, победата на Доналд Трамп би можела значително да ја промени американската надворешна политика. Повеќе од половина од Хрватите веруваат дека победата на Трамп ќе има негативно влијание врз односите на САД со ЕУ, а Словенците делат слично мислење.

Во Србија околу 20 отсто од граѓаните сметаат дека би можело да дојде до промена на политиката, но не прецизираат дали тоа ќе биде на добро или на лошо, се наведува во истражувањето на Валикон. паг/

Фото: Валикон/Индекс

 

 

Остани поврзан