Ангелов: Да се отстранат опасностите од мостот кај Визбегово
- Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов го посети мостот кај скопско Визбегово. Упати повик и апел до надлежните институции за отстранување на опасностите од мостот за граѓаните кои поминуваат по него, а особено за граѓаните коишто со возила поминуваат под него.
Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов го посети мостот кај скопско Визбегово. Упати повик до надлежните институции за отстранување на опасностите од мостот за граѓаните кои поминуваат по него, а особено за граѓаните кои со возила поминуваат под него.
- Со оглед на фактите дека опасноста не е надмината, присуството на претставник од раководниот кадар на повиканите институции е задолжително на 23 ноември 2023 година, со почеток во 11:00 часот. Темата на работната средба е: Зајакнување на безбедноста на учесниците во сообраќајот кои го користат надвозникот на „Стариот качанички пат“ над „Јадранската магистрала“, се вели во соопштението од ЦУК.
Како што соопшти ЦУК, Ангелов го посети мостот кај Визбегово по пријава на неколку граѓани.
- Стар и небезбеден мост, преку кој има голема фреквенција на сообраќај. Но, не е наша работа да испитуваме дали овој мост е безбеден и колку е безбеден, бидејќи информациите кои ги имаме зборуваат дека тој ќе биде срушен во следните неколку години. На овој мост се јавува една опасност за граѓаните, којашто се провлекува повеќе од една година. Тоа се овие коцки (камени гранитни коцки од патот). Овие коцки, коишто се расфрлани овде, најверојатно излегуваат од самиот пат, изјави Ангелов.
Ангелов соопшти дека и покрај неговото укажување во повеќе наврати, коцките можат да се забележат повторно на самиот раб од мостот.
- Возилата кои се движат по овој мост прават силни вибрации. Кога минуваат камиони, мостот буквално вибрира под моите нозе. Оваа коцка е само на 30-40 сантиметри од работ на мостот и може да падне долу на улица. Доколку оваа коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен. Дали треба да чекаме некој да биде убиен, да загине или да биде тешко повреден, изјави Ангелов, додавајќи дека коцките постојано излегуваат од патот.
Од страна на Град Скопје или општин Бутел по нашата прва пријава, како што рече, веднаш беа преземени мерки и веднаш беше ставена ограда, која во „најмала рака“ ја гарантира безбедноста на пешаците, да не одат по тротоарот, којшто во меѓувреме го снема.
Ангелов порача претставници од Град Скопје и од Општина Бутел да се договорат кој е одговорен за мостот и да се реши овој проблем. - Пред извесно време побаравме да дојдат во ЦУК претставници на општината Бутел и на Град Скопје, но не дојдоа, рече Ангелов.
Од Центарот за управување со кризи посочуваат дека во повеќе наврати во 2022 и 2023 година врз основа на дојави од граѓани добиени преку Европскиот систем за итни повици Е-112 информираа за опасностите од користењето на надвозникот на вкрстувањето на „Стариот качанички пат“ и „Јадранската магистрала“ во Скопје и бараа отстранување на камените гранитни коцки на надвозникот. мд/са/
Фото и видео: ЦУК