• недела, 22 декември 2024

„Анатомија на небото“ - нова поетска книга од Борче Панов

„Анатомија на небото“ - нова поетска книга од Борче Панов
Радовиш, 22 ноември 2022 (МИА) - Деновиве излезе од печат „Анатомија на небото“ книга поезија од познатиот македонски поет Борче Панов. Во 17-та по ред поетска книга , која содржи девет циклуси со седумдесетина песни, авторот Панов, во негов препознатлив и специфичен стил, со секој збор се бори за здив повеќе, за уште едeн зрак сонце во ова време на сеопшта закана по постоењето. Според рецензентот проф.д-р Даниела Андонова Трајковска, целата книга е еден вид модерна актуелизација на старите парадокси за божествената и човечка димензија на човековото постоење. -Маестрално, со исклучителна поетска експресија и оригиналност, поетот Борче Панов не бомбардира со жестоки опомени од ужасите на нашите современи војни, егзодусите, глобалната трагедија и Дамакловиот меч на себеуништувањето. За Панов нема миг во оваа песна во која нема осуда на војната и на човековите несреќи предизвикани од нас самите, но веднаш по опомените следуваат и лирските пасажи со неизмерна љубов со која овој поет нè охрабрува повторно да човекуваме, нагласува рецензентот Андоновска Трајковска. Борче Панов е роден 1961 година во Радовиш. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година. Неговата поезија е објавена во голем број антологии, литературни списанија дома и во странство, а неговите дела се преведени на околу 40 јазици. Борче Панов е автор и на седум драми. Претседател е на меѓународната поетска манифестација „Караманови средби“. Добитник е на неколку престижни книжевни награди во странство. Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура. рт/вг/

Остани поврзан